Почна скринингот, 5.000 родители се согласиле на децата да им се земе брис за ковид-19

Фото: Mufid Majnun on Unsplash

Министерството за здравство информира дека денеска започна реализацијата на скринингот во неколку oсновни училишта во Скопје. Досега, како што информираат оттаму, се добиени 5.000 согласности од родители за оваа цел.

„Скринингот во училиштата е веќе отпочнат. Завршена е првата фаза во однос на добивање и обработка на согласностите од родителите. Голем е интересот за учество во скринингот и досега се добиени околу 5.000 согласности од родители на деца во основните училишта во Скопје“, велат оттаму.

Врз основа на добиените согласности, направен е план и распоред за реализација на скринингот на терен и тој веќе се врши во неколку основни училишта во Скопје. Скринигот продолжува во понеделник.

Во рамки на првата фаза ќе бидат опфатени училиштата на територија на Град Скопје, а ќе бидат вклучени медицински екипи од Центарот за јавно здравје и Здравствениот дом Скопје.

Сите активности за спроведување на скринингот се одвиваат во постојана координација со Министерството за образование и наука.