По тројца оценувачи го прегледуваат секој матурски тест

Фото: Мета.мк

Вкупно 300 професори се ангажирани за прегледување матурски тестови. Како што за Мета информираат во Државниот испитен центар, по тројца професори ќе го прегледуваат секој тест, па на крајот ќе ги соберат бодовите и ќе формираат оценка. Оценувачите се распределени низ училишта, во кои ги прегледуваат тестовите кои уечниците ги полагаа по мајчин јазик.

„На секои 10 професори-оценувачи, има по еден професор кој е главен оценувач, тој е тој кој има подолго искуство во професијата. Оценувачите ќе ги видат клучевите, ќе се усогласат во критериумите, ќе го отворат клучот и ќе прегледуваат. Тие ќе одлучат и како ќе го бодуваат и оценуваат есејот по мајчин јазик. Секој тест е со бар код заштитен и никој не знае чиј тест прегледува“, вели Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар.

Ако на крајот оценувачите имаат дилема, ќе се координираат и усогласат со главниот оценувач. Прелиминарни резултати, огласно правилникот треба да има до 12 јули, но тие ќе бидат објавено порано. Ќе бидат објавени на огласни табли во училиштата. Незадоволните ученици имаат право на приговор кој ќе го достават во училиште, а потоа оттаму ќе оди во ДИЦ. За приговор се плаќа 1.500 денари. Ако е усвоен приговорот, односно макар и еден поен му се усвои на ученикот, тогаш ќе му бидат вратени парите.