По повеќе од три децении добивме податоци за состојбата со подземните води

Министерството за животна средина денеска го презентираше првиот Национален регистар на подземни води

Фото: МЖСПП

С. Македонија по повеќе од три децении доби нови податоци за состојбата со подземните води. Министерството за животна средина денеска го презентираше првиот Национален регистар на подземни води, со кој податоците за овој важен стратешки природен ресурс, собирани и тематски систематизирани од повеќе различни институции, ќе бидат достапни на една централна платаформа.

Националниот регистар на подземни води на обработува 13 процеси и 65 тематски целини. Со новата платформа ќе се дигитализираат и процедурите за остварување на водното право, а корисниците ќе можат целиот процес од аплицирање до добивање на дозволите да го направат онлајн. Заедно со новиот регистар се изработи и мобилна апликација, како алатка за контрола и инспекторирање, на која ќе може да се направи преглед на издадените дозволи.

Според министерката за животна средина, Каја Шукова земјава има висок процент на користење на подземните води, но досега нивниот потенцијал не е ниту доволно истражен, ниту искористен и што е најважно, не е доволно заштитен.

„Проектот е прв од ваков вид во Република Северна Македонија и е посебно значаен за одржливо управување, идентификување, употреба, заштита и следење на подземните води на национално ниво. Од тука, тоа е основа и за воспоставување и креирање на ефективни и ефикасни политики“ истакна Шукова.

Таа нагласи дека со дигитализирањето, не само на податоците, туку и на процедурите и известувањето се олеснува пристапот до истите, извршувањето на процесите за управување со подземните води и се скратуваат постапките за издавање на управни акти за користење и испуштање на води.

Според амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман нема живот без вода и многу често, вредноста на водата е занемарена и свеста за итноста да се воспостави ефективен систем за заштита и управување на водите на одржлив начин е ниска. Предизвикот е уште поголем, кога станува збор за подземните води, бидејќи тие се невидливи за нас.

Националниот систем за податоци и нивно управување вклучува собирање на податоци, нивна дигитализација и конверзија. Овој систем ги следи барањата на националното и европското законодвство и со него се имплементираат две европските директиви – Рамковната директива за води и Директивата за подземни води.

Тој е дел од Националниот информативен систем за животна средина со што се зголемува транспарентноста, се поедноставуваат административните процедури и им овозможува на носителите на одлуки да ги донесат врз основа на веродостојни податоци и со вклучување на сите релевантни чинители во самиот процес. Дополнително, ќе овозможи достапност на податоци на заинтересираните граѓански организации со обезбедување пристап до одредено ниво, со што целиот процес на управување со подземните води ќе биде потранспарентен и со поголема одговорност и отчетност на институциите. Проектот е финансиран од Швајцарската Конфедерација, а е спроведуван од страна на Конзорциумот Интелитенг Нетворк Солушанс (ИНС) и Градежен Институт Македонија.