По децениски ветувања, „Вирџин Галактик“ ја имаше првата мисија за вселенски туризам

Откако ракетата се одвоила од носечкиот брод, на патниците им било дозволено целосно да се откопчаат и да уживаат во нулта гравитација на надморска височина од околу 85 километри

GALACTIC 02 / фото: VIRGIN GALACTIC

Поранешен олимпиец, студентка на шкотскиот Универзитет во Абердин и нејзината мајка беа патниците на првиот лет за туристи во вселената на „Virgin Galactic“ (Вирџин Галактик).

Мисијата позната како „Галактик 02“, со вселенскиот авион со ракетен погон за повеќекратна употреба, полета кратко по 15 часот по локално време од Спејспорт Америка во Ново Мексико, САД, пренесува „Гардијан“.

На леталото имало вкупно шест лица – во него се наоѓале и командантот на вселенскиот авион и поранешен астронаут на НАСА, Си Џеј Старков, пилотот Кели Латимер, како и главниот астронаут – инструктор на „Вирџин Галактик“, Бет Мозес, кој го обучувал екипажот пред летот.

Тројцата „туристи“ кои биле на летот се 18-годишната Анастасија Мајерс – студентка на Универзитетот во Абердин, нејзината мајка Кеиша Шахаф која е тренер за здравје и благосостојба и поранешниот олимпиец Џон Гудвин, кој учествуваше на Олимпијадата во Минхен во 1972 година како кануист.

На 80-годишна возраст, Гудвин стана вториот патник со Паркинсова болест и првиот олимпиец кој тргнал на патување во вселената. Тој својот билет го купил за 250.000 американски долари во 2005 година. Гудвин е првиот на списокот од околу 800 лица кои досега купиле билети за возење со ракетата „Единство“ (Unity).

Шахаф, пак, местото во леталото го освоила како дел од натпревар за собирање средства на непрофитната организација „Space for Humanity“ која сака да го демократизира вселенското патување. Таа и Мајерс, двете од Антигва, се првото дуо мајка-ќерка што заедно ја посетиле вселената.

Мисијата, истовремено, забележува најмногу жени во летало на една мисија во вселената.

Откако ракетата се одвоила од носечкиот брод, на патниците им било дозволено целосно да се откопчаат и да уживаат во нулта гравитација на надморска височина од околу 85 километри, пишува Би-би-си.

Авионот успешно слетал во Спејспорт Америка нешто повеќе од еден час по полетувањето.

Неодамна, вселенската компанија на Џеф Безос, „Blue Origin“ (Блу Ориџин) ја победи „Вирџин Галактик“ на Ричард Бренсон во трката да стане првата компанија што ќе однесе приватни патници што плаќаат во вселената.

Двете компании велат дека нивните мисии ја унапредувале науката, како и туризмот за богатите луѓе.

Вселенскиот туризам, пак, е критикуван поради неговата цена и влијанието врз животната средина.