Извор на фотографија: Кабинет на Претседателот на РСМ

Заврши последната ротација на припадници на Армијата на Република Северна Македонија во Авганистан. Нашите мировници се вратија дома, а со тоа заврши и скоро две децении долгото учество на Армијата во мисиите на НАТО – „ИСАФ’’ и  „Одлучна поддршка’ во Авганистан.

По повод завршувањето на учеството на Армијата во Авганистан, денеска во касарната „Илинден“ се одржа свечена церемонија на која ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски и министерката Радмила Шекеринска. На свечената церемонија присуствуваа началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорите на САД Кејт Брнс и на Турција Хасан Мехмед Секизкок, генералите во Армијата и претставници на Воено – дипломатскиот кор.

Претседателот Стево Пендаровски денеска рече дека контингентите од нашата земја за кои зборуваме, можеби се чинат мали во однос на вкупната бројка на ангажирани сили во Авганистан, која во некои периоди изнесуваше и над 150.000, но се големи во релативна смисла имајќи предвид дека еден период Северна Македонија беше четврта според големината на придонесот во однос на бројот на нејзиното население.

„Оваа мировна мисија потврди дека нашите војници можат да служат успешно во рамките на било која мировна мисија, дека се обучени на највисоко професионално ниво и во согласност со највисоките стандарди на НАТО. Се разбира, оваа мисија немаше да биде можна без поддршката од нашите тогашни партнери, а сега сојузници – САД, Обединетото Кралство, Турција, Чешка, Грција, Норвешка и Германија“, порача претседателот Пендаровски.

Пендаровски додаде дека бројката од повеќе од 3.300 припадници изнесува скоро половина од вкупната бројност на нашата армија.

Од Министерството за одбрана информираат дека во периодот од 2002 до 2015 година, околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ во Авганистан, на различни позиции и со различни задачи. Македонските војници, подофицери и офицери работеа како штабни офицери, припадници на единици на обезбедување на главната команда, инструктори во тимови за менторирање, а беа дел и од медицински и хируршки тимови. Во ИСАФ, свој придонес дадоа и специјалните единици, кои работеа заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт, во здружени тимови.

Северна Македонија во ИСАФ соработуваше со поголем број на партнери, денеска  сојузници – САД, СР Германија, Турција, Обединетото Кралство, Норвешка, Грција, Чешка, Франција, а офицери испраќавме и како дел од земјите на Јадранската повелба А3 со Албанија и Хрватска, односно подоцна и земјите од групата А5.

Од 2015 година, припадниците на Армијата даваа свој придонес во мисијата- наследник, „Одлучна поддршка“ и тоа со 500-тини припадници, распоредени во Командата за обука, советување и асистенција – главен град Кабул, под команда на Турција. Потоа, во Командата на мисијата предводена од САД, со задача обезбедување на командата, во тим за советување во командата – Север предводени од СР Германија, во рамките на заедничкиот придонес на групата А5 во Центарот за здружени операции на КОСА – Север и во хируршки тим во норвешката Role-2 болница, во соработка со Кралството Норвешка.

Северна Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“.