Фото: Архива на Мета.мк

Институтот за економски истражувања Фајнанс Тинк смета дека еколошката такса за нафтените деривати може да има еднократен краткорочен ефект врз инфлацијата кој би се движел од 0,15 до 0,3 проценти. Тие сметаат дека долгорочниот ефект од еколошката такса врз инфлацијата е потенцијално посилен, од 0,8 до 0,9 проценти, но емпириските докази за неговата статистичка значајност се поограничени. Токму поради ова, од Фајнанс Тинк препорачуваат еколошката такса да се воведе постепено.

Од јули 2021 година, еколошката такса да изнесува 1,5 денари по литар за нафтените деривати, дополнителен 1 денар да се воведе во јануари 2022 година, а за уште 1 денар да поскапат горивата во јули 2022 година. Притоа, од Фајнанс Тинк сметаат дека краткорочниот и долгорочниот ефект од еколошката такса не треба да се потценуваат.

„Силно препорачуваме да се креира Фонд за зелена транзиција кој ќе осигури дека средствата собрани преку еколошката такса навистина ќе се употребат за поддршка на зелената транзиција во земјата. Во тој контекст, препорачуваме Владата да преземе акција со која ќе го демантира впечатокот дека еколошката такса се воведува за да ги компензира фискалните приходи кои ќе се изгубат поради намалувањето на ДДВ-то на електричната енергија“, се наведува во објавениот став на Фајнанс Тинк во однос на воведувањето на еколошката такса.

Од Фајнанс тинк воедно додаваат владата да го отвори и прашањето за финансирање на зелената транзиција за поширока дебата и консултации, вклучително и за алтернативните модели за финансирање, на пример, издавањето зелена обврзница.

Во моментов не се знае кога предложените законски измени за воведување на еколошката такса ќе се најдат на комисиска расправа. Откако опозицијата се закани дека ваквото законско решение ќе го блокира со амандмани за да го спречат воведувањето на еколошката такса, Владата на РСМ го доставила предлогот за еколошка такса на нафтените деривати како Закон кој треба да се усогласи со правото на Европската Унија, користејќи го европското знаменце. Со ова, опозицијата колку и да достави амандмани за да го блокира неговото донесување, дебатата во собраниската комисија не може да трае повеќе од три дена.