Платформата за ментално здравје „Разговор.мк“ доби инвестиција од балтички акселератор Startup Wise Guys

Разговор.мк е дел од акселераторската програма на Startup Wise Guys, организација од Балтикот која е една од најискусните во Европа на ова поле, информира Георги Михаилов, креатор на платформата, која нуди онлајн разговор со психолог.

Потенцијалот за развој и општественото влијание беа пресудни за добиената инвестиција и покана да се стане дел од ова семејство на брзо-растечки стартапи, вели Михаилов

Тој вели дека идејата да се создаде компанија која ќе има за цел да креира и обезбеди персонализирани системи за поддршка на индивидуата постоела подолго време. За почеток, решиле грижата за менталното здравје да ја направат попристапна за луѓето.

„Денес, имаме над 30 психолози на нашата платформа и над 5.000 превземања на нашите мобилни апликации (андроид, ајфон)“, вели Михаилов.

Тој најавува дека со инвестицијата добиена од акселераторот ќе работат на зголемување на бројот на достапни психолози на платформата преку интернационализација, развивање на нови функционалности и освојување на нови пазари.

Михаилов додава дека еден од најголемите проблеми за грижата на менталното здравје е пронаѓањето на вистинскиот психолог за нас

„Овој процес трае долго и може да биде многу фрустрирачки. Нашите истражувања покажаа дека всушност голем број на луѓе се откажуваат по првиот или неколку неуспешни обиди да го најдат својот психолог. Затоа, развојот на нашиот продукт се движи во тој правец. Крајната цел е да овозможиме со неколку клика и во неколку минути секој да може да го најде својот идеален психолог или психотерапевт.Нашата платформа е отворена за сите лиценцирани психолози и секој од нив кој сака да го креира својот профил на платформата истото може да го направи овде,“ додава тој.