Социјализација преку социјални мрежи: Младите и предизвиците со менталното здравје во време на пандемија

Фото: Tim Gouw на Unsplash

Ограничен физички контакт, нови начини на социјализација, настава од дома, страв и неизвесност за иднината се дел од предизвиците со кои се соочија младите во текот на глобалната криза со ковид-19. За некого време за себе, за некого отежнато секојдневно функционирање. Индвидуално, младите на различен начин ја прифатија светската здравствена криза.

Георги Михаилов, креатор на апликацијата Разговор.мк / Фото: Лична архива

„Депресијата, burnout и стресот ќе бидат најзастапени предизвици со кои ќе се соочат идните генерации. Како и да е, прогресивноста на младите секогаш знаела да донесе позитивни промени и сигурен сум дека стигмата и табуата околу менталното здравје брзо ќе исчезнат. Верувам дека слично како што денес имаме претплата на Нетфликс, утре ќе имаме претплата на сервис сличен на нашиот и секој ќе има пристап до професионална поддршка во реално време, било каде во светот“ изјави за Мета.мк Георги Михаилов, креатор на платформата Разговор.мк, која нуди онлајн разговор со психолог.

Михаилов појаснува дека ако се направи слика базирана на одзивот на нивните објави и статии, резултатите насочуваат дека младите во општеството најчесто се соочуваат со анксиозност, панични напади, релациски односи и слично.

Досега многумина се охрабриле да го направат првиот чекор во подобрувањето на менталното здравје токму преку платформата, а старосната граница на корисници е од 18, па сè до над 65 години.

„Корисниците најчесто ќе започнат со сесии со допишување и по стекнатата доверба и увидената вредност понудена од разговорот со психолог продолжуваат со аудио или видео сесии. Досега вкупно на платформата имаме реализирано над 800 сесии од кои над 60 отсто од тие луѓе се на возраст помеѓу 23-33 години“ изјави Михаилов.

Младата Ивана Стојановска по завршувањето на средното образование одлучила да направи година пауза пред да продолжи со студирање, со што, тој период, фокусот го ставила на своето физичко и ментално здравје. За неа, како што вели, пандемијата првично имала позитивно влијание, но и негативно, токму поради истата причина, а тоа е да се биде сам со себе.

Ивана Стојановска / Фото: Лична архива

„Првично пандемијата имаше некој вид позитивно влијание врз мене, претходната година од средно образование, воедно и крајната година, беше доста физички напорна за мене, како и од ментален аспект поради константните обврски, но и мојата желба за достигнување на максимумот и „трагање по перфекција” кои физички и психички ме изморија“ изјави Стојановска.

Таа се надева дека светот подобро ќе ги разбере поимите на клиничка депресија, паничен напад, и општо ментално растројство и нарушување како вистински проблем. А не како моментална состојба.

„Пандемијата ги отвори вратите на мрачните коридори на моето ментално здравје. На некој начин, можеби да не се случи ситуацијава немаше никогаш да побарам помош и да дадам шанса на заздравувањето. Болката е болка, без разлика дали вие ја гледате или не“ вели Стојановска.

Младата девојка, изминатите месеци ги поминала читајќи книги, пишувајќи поезија, учејќи нови научни истражувања, чистење на домашниот простор, и самооткривање на способностите во кујна. Воглавно се социјализира преку социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук, а понекогаш и со телефонски повици и пораки.

„Факт е дека мене лично не ми фалат случувањата и тоа не го сметам за толку трагично како што можеби на другите им наликуваат. Не бидејќи немам интереси кон истите, туку бидејќи периодов ми е фокусиран на смирување и пасивност, што едноставно не можам да покажам доволен ентузијазам или револт кон тоа што сме го имале, а го немаме. Разликата е што овој пат работите ќе ги цениме повеќе отколку претходно. Мислам дека луѓето се освестија дека можеби околината е брза и напорна, но не мораме и ние да бидеме такви. И дефинитивно не мора животот да биде брз и напорен“ децидна е Стојановска.

Антонио Бешлиев пак, студент на Факултетот за Безбедност во Скопје, вели дека „за среќа се отвориле голем број на алтернативи за функционирање и социјализација кои дале посакуван ефект“. Во период кога блискиот контакт со луѓе е ограничен, Бешлиев ги користи социјалните мрежи, но и контактите во живо со почитување на препораките.

„Дефинитивно најмногу недостасува дружбата во живо со неограничен број на луѓе, но и мирот меѓу луѓето, огромен страв, па дури и паника владее меѓу нас“ изјави студентот Бешлиев за Мета.мк.

Во моментите кога надвладува емотивна раздразнетост, Бешлиев вели дека најмногу му помага прошетка во природа или пешачење со најблиските пријатели, затоа што како што вели тој, „носталгичните мисли се по дружбата и доживувањата токму со нив“.

Студентот е дециден дека пандемијата придонела и позитивни промени, од кои најзначајната – слободното време кое може да се искористи за лично надоградување.

Михаилов, смета дека за да се успее во било кое животно поле е потребна поддршка од професионални лица кои имаат искуство во тематиката и можат да пренесат знаење. Зошто тогаш обичниот човек да не побара поддршка во секојдневното живеење? Зошто да не учиме техники и вежби кои ќе ни бидат алатки во справувањето со секојдневните предизвици, прашува тој.

„Разговорот со психолог или друг професионалец за ментално здравје е тренинг за здраво секојдневно живеење и не знам зошто ова би го асоцирале со “болест” или би нарекле некого “ментален”. Мислам дека светото би бил далеку подобро место кога секој ќе има професионална поддршка и сигурносна мрежа во секојдневното живеење“ смета Михаилов.

Светската здравствена организација уште минатата година во мај предупреди на закана од глобална криза по менталното здравје предизвикана од корона вирусот. Директорот на одделот за ментално здравје при Светската здравствена организација (СЗО), Девора Кестел изјави дека психолошките проблеми може да произлезат од наметнатата изолација, стравот, несигурноста, како и сиромаштијата која може да претстои поради загубата на работните места.

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш исто така ги повика владите, граѓанското општество и здравствените власти итно да одговорат на потребите за ментално здравје на граѓаните.