fbpx

Петковски: Комисијата за надзор на прислушувањето е фарса и театар

-

Активирањето на собраниската Комисија за надзор на следењето комуникации, па и на таа за контрола на работата на Упрвата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Агенцијата за разузнавање (АР), за поранешниот пратеник и актуелен претседател на НСДП, Тито Петковски, е „обична фарса и театар со кој властите симулираат некаква реакција по забелешките од специјалниот извештај што за Европската комисија го изработи тимот на Рајнхард Прибе“.

Според Петковски, Комисијата со својот актуелен состав е незаконска, а нема ниту капацитет, ниту политичка волја за спроведување на своите надлежности.

– Сето тоа што го прават е спротивно на законот бидејќи претседателот на таа комисија мора да биде од редовите на опозцијата во Собранието. А тие, што прават сега? На тоа место ставаат човек од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој додека беше член на претходните состави, праваше секакви опструкции на сите иницијативи за работа на комисијата. Не може да се очекува валакните алишта на министерот за внатрешни работи на површина да ги вади член на владејачката партија – вели Петковски, кој од 2011 до 2014 година беше претседател на Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана.

Инаку, Комисијата вчера ја одржа своја прва седница од конституирањето на актуелниот собраниски состав, при што го усвои деловникот за работа со најава дека наскоро членовите ќе ги посетат институциите надлежни за следење на комуникациите за да се запознаат со нивната работа.

На чело на Комисијата е пратеникот Павле Саздов, а како претставници од опозициските редови фигурираат Солза Грчева и Роза Топузова-Каревска.

Пратеникот од редовите на ДУИ, на седницата рече дека комисијата не треба да излезе со заклучок дали со „бомбите“ на Заев е откриена злоупотреба или, пак, навистина прислушувале странски служби, како што веруваат некои, туку да изврши вистински надзор врз прислушувањето со посети и со контроли во просториите каде има опрема за следење комуникации.

Според Петковски, досега ниту еден состав на оваа комисија не успеал да влезе во просториите на институциите од каде се врши следењето на комуникациите, особено во Петтата управа на УБК.

– Комисијата со која јас претседавав, имаше конкретна иницијатива по апсењето на Љубе Бошкоски, но не дозволија. Никому досега не дозволиле. За конкретниот случај, се подготвував десетина дена, со добри познавачи на информатичката технологија, но тогашната министерка за внатрешни работи не дозволи оти знаеше што ќе барам – вели Петковски.

Комисијата за надзор на прислушувањето, како собраниско тело со точно утврдени надлежности и опсег, функционира со конституирањето на собранискиот состав по изборите во 2006 година, кога на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...