Пчиња има три ендемски видови риби, но не се знае како каскадите влијаат на нивниот опстанок

Бариерите и каскадите се граделе во текот на минатиот век како механизми за заштита од поплави и за формирање рибници. Сепак, сега тоа се веќе застарени форми чие што постоење мора да се преиспита

Фото: Еко свест

Во реката Пчиња живеат три ендемски видови риба, но, во неа и на осумте нејзини притоки Крива река, Кумановска, Липковска, Дурачка, Бистрица, Кратовска, Ранковачка и Живуша има и над 45 бариери за кои не се знае како и колку влијаат врз можностите за нивниот опастанок и квалитетот на водниот еко систем. Бариерите и каскадите се граделе во текот на минатиот век како механизми за заштита од поплави и за формирање рибници. Сепак, сега тоа се веќе застарени форми чие постоење мора да се преиспита, особено нивното влијание на природното движење на водниот свет и на размножувањето, а се отвора и прашањето дали и колку ги осиромашуваат водните заедници.

Од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ информираат дека ова е прв проект во земјата поврзан со реставрација на реките, кој треба да создаде можности за отстранување на браните и каскадите како важен услов за обновување на речните текови. Од организацијата свест велат дека мапирањето на каскадите на Пчиња и притоките е веќе започнато и дека ќе трае до септември. Искуствата од овој проект потоа ќе можат да се применат и кај другите реки кои се соочуваат со ваков тип на бариери и на кои во иднина би им требало обновување.

Спооред Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“, веќе се мапирани 33 касакади кои се наоѓаат само на левата притока на Пчиња, Крива река која е мрестилиште на пастрмката и во која е забранет риболовот. Некои од бариерите во оваа река се скалести, но со изградена патека за мигирирање на пастрмката.

„Заедно со тимот на Геобалканика ќе ги проценуваме каскадите и нивните влијанија врз животната средина, врз биодиверзитетот, социо-економското значење и правниот статус. Сите собрани податоци од теренската работа ќе бидат внесени во база на податоци, што ќе овозможи систематска класификација на влијанието на каскадите и ќе даде насоки за нивно отстранување“, вели Митревски.

Посочува дека во следниот период ќе биде извршена посебна проценка на секоја од бариерите и нивното влијание рибите и рибниот фонд. Реставрирањето на реките е тренд во развиените земји, што во земјава, каде се уште се бориме на нив да не се гради инфраструктура или коритата да не се уредуваат и бетонираат, не е случај. Како пример кај нас е земена Пчиња која има 45 бариери, заедно со притоките. Повеќето се каскадни и некогаш служеле за заштита од поплави или за регулирање на течението. Сега, кога постојат и други начини за ваков тип на заштита, потребна е проценка дали овие бариери се неопходни и ако не се, дали можат да се тргнат.

„Во последните години особено почнува да се внимава на реставрирање на речните корита и речните еко системи од оштетувања кои ги претрпеле во минатото. Во Пчиња живеат три ендемски видови од кои два се помали и кои не можат да мигрираат во повисокиот дел од реката заради каскадите. Неопходно е да се процени какво е влијанието врз нив, но и врз водните безрбетници, крајбрежната вегетација, хидроморфологијата на реката и геоморфологијата на теренот“, вели Митревски.

Во текот на истражувањето, пред да се донесат одлуките дали некоја бариера може да се тргне, ќе треба да се проценат и правниот статус и  социо-економскиот статус на секоја од бариерите, дали имаат познат сопственик, кој ги изградил и дали има некој што е обврзан да ги одржува.