fbpx

Партиите само бегло ја спомнаа борбата против дезинформациите во своите изборни програми

Кај тие што ги препознаваат дезинформациите и штетните странски влијанија, недостасуваат конкретни мерки и чекори за справување со дезинформациите, а има и една политичка партија која се залага за криминализација на проверувачите на факти, пишува Вистиномер

-

Европската комисија веќе укажа на проблемот со штетните странски влијанија кои навлегуваат и ги еродираат демократските процеси, но не сите политички партии кај нас го регистрираат ова прашање во изборните програми. Кај тие што ги препознаваат дезинформациите и штетните странски влијанија, недостасуваат конкретни мерки и чекори за справување со дезинформациите, а има и една политичка партија која се залага за криминализација на проверувачите на факти, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

На осми мај годинава, додека граѓаните на Северна Македонија ги пуштаа гласачките ливчиња во кутиите за парламентарните избори, Европската комисија објави важно соопштение на својата веб-страница за да ги информира граѓаните на Европската Унија дека ја засилува кампањата за подигнување на свесноста за дезинформациите и странските манипулации во пресрет на изборите.

За таа цел Европската комисија промовираше практични совети за тоа како да забележувате дезинформации и како да се справувате со нив. Видеото од кампањата ќе се прикажува во сите земји-членки до почетокот на јуни и е достапно на 24 јазици. Пораките за заштита се јасни – настапувајте критички кон тоа што го читате онлајн, бидете свесни дека аудио и видеоматеријалите може дигитално да се фалсификуваат и да се менуваат, проверувајте повеќе извори на информации и верувајте им на сигурните и не споделувајте информации на интернет за кои не сте сигурни.

Европската комисија ги препознава ризиците од гломазните дезинформациски кампањи и разви бројни иницијативи за справување со дезинформациите. Меѓу нив е ЕДМО, независна опсерваторија која на едно место ги спојува проверувачите на факти и академските научници со експертиза на полето на онлајн дезинформациите, социјалните медиуми, новинарите и медиумите.

Според ЕК, сеопфатните дезинформациски кампањи се голем предизвик за Европа и бараат координиран одговор од земјите на ЕУ, институциите на ЕУ, онлајн платформите, медиумите и граѓаните. Причината е едноставна – дезинформациите може да имаат штетни последици, меѓу кои загрозување на демократијата, поларизирачки дебати и ставање во ризик на здравјето и безбедноста на граѓаните на ЕУ.

Во таа насока, проверивме каква е позицијата на три политички партии во С. Македонија, односно дали се осврнале на борбата со дезинформациите во своите изборни програми со кои ја побараа довербата на граѓаните. Борбата против дезинформациите е важна и за довербата кон новинарите и медиумите. Впрочем и  „Репортери без граници“ во најновиот извештај нотира дека дезинформациите се причината за опаѓање на довербата на општеството во медиумите.

 

ВМРО-ДПМНЕ ги гледа дезинформациите како безбедносна закана

ВМРО-ДПМНЕ во програмата „Платформа 1198“ ги споменува дезинформациите во безбедносен контекст, наведувајќи дека:

Природата на безбедносните закани постојано се менува, што резултира со
пораст на хибридните закани, со комбинација на сајбер-напади, кампањи за дезинформации и социјални немири. (страница 161 од програмата).

Во програмата пишува дека силно ќе се залагаат за инвестиции во модернизирање на комуникациските системи и основната опрема за да се овозможи систем кој ефикасно се справува со современите закани:

Во таа насока ќе развиваме механизми за квалитетно споделување информации и соработка помеѓу различните безбедносни агенции, што ќе гарантира координиран одговор на заканите.

Освен во безбедносен, партијата без да понуди конкретни мерки, ги препознала дезинформациите и во медиумски контекст, односно во поглавјето за слободни медиуми (страница 123 во програмата). Една од целите во поглавјето „Слободни медиуми“ е ефикасна борба против дезинформациите и лажните вести во медиумите и на интернет просторот.

Меѓутоа, подетален опис на мерките со кои ќе се овозможи оваа борба против дезинформациите не се наведени.

Неопходно е да се поддржи обезбедување, одржливост на независните и професионални јавни медиумски услуги со понатамошен развој на транспарентни и еднакви пазарни услови за сите приватни и јавни актери. Ќе се залагаме за зајакнување на транспарентноста на сопственоста на медиумите и спречување на негативните импликации од медиумската концентрација, пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ во својата програма.

 

СДСМ се залага за Регионален центар за борба против дезинформации за потребите на НАТО

СДСМ во својата програма насловена „Програма за европска иднина“ дезинформациите ги споменува во поглавјето за слободни медиуми и отворени институции за граѓаните, но и во поглавјето за безбедна Македонија. Според партијата, борбата против организираниот криминал, тероризмот, дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза е основен постулат за осигурување на безбедноста на граѓаните.

Секојдневно се соочуваме со комплексни безбедносни предизвици и закани – глобален тероризам, хибридни и сајбер закани, воени и бегалски кризи, организиран криминал и трговија со луѓе и мигранти, енергетска криза, климатски промени, недостаток на храна, лажни вести и дезинформации, пандемии од заразни болести и друго, што имаат големо влијание врз геополитиката, врз регионалната, но и националната надворешна и внатрешна безбедност. За справување со овие современи предизвици и јакнење на националната отпорност, неопходна е силна, применлива и одржлива надворешна и безбедносно-одбранбена политика, како и развиени способности и зајакнати цивилни капацитети за соодветна превенција, рано предупредување и навремено справување, пишуваат во програмата на страница 113.

СДСМ во програмата наведува дека Министерството за одбрана на РС Македонија ја зголемило активната институционална транспарентност како основна алатка за справување со дезинформациите и лажните вести. Во програмата има и една конкретна мерка која партијата ја планирала.

Имаме искуство и знаење кое може да го понудиме и да го надградиме: Регионалниот центар за односи со јавноста (РЦОЈ) во рамки на Министерството за одбрана, како акредитиран НАТО Центар за обука и едукација, ќе го развиеме како Регионален центар за борба против дезинформации и лажни вести за потребите на јужното крило на НАТО, во тесна соработка со Центарот за извонредност за стратегиски комуникации во Рига. Во согласност со потребите и насоките од НАТО, како долгорочна цел истиот би прераснал во Центар за извонредност за односи со јавноста, пишува во програмата на СДСМ (страница 118).

Министерството за одбрана не е единственото кое во програмата на СДСМ е издвоено како активен учесник во борбата против дезинформациите. Истото од партијата го посочиле и за Министерството за внатрешни работи (страница 122).

И во наредните четири години ќе продолжиме да ја гарантираме безбедноста на граѓаните и да ја јакнеме довербата на граѓаните во МВР. Ќе продолжиме преку квалитетниот однос со медиумите и медиумските работници да обезбедуваме правилно информирање на граѓаните и заштита од неквалитетни, непроверени, непотврдени или лажни вести. Ќе продолжиме како и досега да се справуваме со хибридни закани, активности и напади преку социјалните мрежи заради ширење на невистинити информации, дезинформации, говор на омраза и лажните дојави за бомби како тип на закани, пишува во програмата на СДСМ.

Во неа сепак, ги нема деталните мерки од Предлог-планот за одлучна акција против ширењето дезинформации и против напади врз демократијата од 2019 година.

 

Левица се залага за криминализирање на проверката на факти

Политичката партија „Левица“ во својата програма „Неподмитливите во Собранието“ во поглавјето за социјалните медиуми, се залага за забрана и криминализирање на како што пишуваат, таканареченото фактчекерство на социјалните медиуми. Како пример во нивната програма се наведува Вистиномер на Фејсбук (страница 22 од програмата).

Забрана и криминализирање на таканаречено фактчекерство на социјалните медиуми, на пример вистиномери на Фејсбук и било какво ограничување на објавување вести, коментари и мислења на мрежите – поради т.н. лажни вести или „говор на омраза“. Ако веста е лага, навреда или клевета, ќе треба да се оди на суд за нејзино санкционирање, бидејќи само со судска одлука истата ќе може да биде цензурирана и повлечена од етер, пишуваат од партијата во програмата.

Оваа заложба е проблематична по многу основи и заслужува посебен осврт. Но, овде само ќе напомнеме дека проверувачите на факти немаат никаква врска со било какво „ограничување на објавување на вести“. Понатаму, воопшто не е јасно врз основа на што и како би им се ограничило правото на компаниите сопственици на социјалните мрежи, кои се меѓународни корпорации, ќе им се ограничи правото да го уредуваат начинот на споделување на содржините на своите социјални платформи. Да не говориме, пак, за фактот што проверувачите на факти немаат врска со одредување дали нешто е „говор на омраза“ или, пак, „навреда и клевета“, зашто тоа е надвор од нивниот мандат за проверка на фактите.

 

Албанските партии не се занимаваат со дезинформациите во своите програми

Партијата ДУИ во програмата „Европа 2030“ има поглавје насловено „Не за Русија, да за Европа“ (страница 2), но европските заложби за борба против дезинформациите не ги споменува ниту ги образложува конкретните мерки. Медиумите се споменуваат само во една потточка без никакви објаснување на страница 11 и пишува дека партијата ќе се залага тие да бидат слободни. Ист е случајот и со коалицијата „Вреди“, која, исто така, во својата изборна програма не се осврнува на борбата со дезинформациите. Исто така движењето „ЗНАМ“, кое освои 6 пратеници во Собранието, во својата програма „Проглас за достоинствена Македонија“ (достапна за преземање на следниот линк) го игнорира полето на борбата против дезинформациите и оваа тематика е надвор од нивниот радар.

И покрај тоа што за Европската Унија и нејзините членки, штетните странски влијанија кои навлегуваат во демократските процеси и ги дисторзираат претставуваат проблем и приоритет, не сите политички партии го регистрираат ова во изборните програми. Кај тие што ги препознаваат дезинформациите и штетните странски влијанија недостасуваат конкретни мерки и чекори за справување со дезинформациите, а Лeвица дури и се залага за криминализација на проверувачите на факти.
Пишува: Мирослава Симоновска
hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ученици се натпреваруваа во најдобро раскажување на книги

Вчера на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се одржа натпревар за раскажување на книги. На натпреварот се оценуваше дикцијата, интонацијата, флуентноста и сценскиот настап на младите ученици. Тие...