Со просек над 3,00 учениците во дуални паралелки ќе добиваат месечна стипендија од 3.500 денари

Првото електронско пријавување за упис во средно образование ќе се одржи во периодот од 20 до 25 јуни

Фото: Мета.мк

Уписите во средно образование, согласно конкурсот што го објави Министерството за образование и наука (МОН) ќе се одржат во периодот од 20 до 25 јуни. Она што е новина годинава е тоа што кандидатите освен што ќе мораат во овие пет денa  да се пријават електронски, истовремено ќе треба документите за упис да ги однесат и во хартиена форма во училиштето во кое аплицираат. Конечните ранг-листи со примените ученици ќе бидат истакнати во училиштата на 26 јуни.

Има интерес за дуалните паралелки 

Стручното образование во последните години е поатрактивно за младите. Тоа е така поради дуалните паралелки, во кои учениците покрај можноста за работа, добиваат месечна стипендија од 3.500 денари, ако имаат просек од најмалку 3,00.

Јасминка Гудоманова, директорка на „Димитар Влахов“, за Мета.мк вели дека во ова училиште годинава има место за вкупно 359 нови ученици во 14 паралелки, од кои осум се на македонски наставен јазик, една е на турски, а 5 паралелки се на албански наставен јазик.

„Од минатата година сите паралелки ни се дуални. Расте интресот за упис. Учениците во четиригодишно образование почнуваат со редовна пракса во втора година. Еднаш неделно одат на работа во компанија и се во реален работен процес. Учениците што учат за идни фризери и месопреработувачи со пракса започнуваат уште од прва година и тие два дена se на пракса во компанија. Оценките им ги формира менторот во самата компанија, заедно со предметниот наставник“, објаснува Гудоманова.

Таа информира дека во дуална паралелка, сите ученици со просек над 3,00 добиваат месечно по 3.500 денари.

Во средното стручно училиште „Владо Тасевски“ од оваа година ќе има нов профил на машинската струка, Компјутерско управување.

„Дигитализацијата сега е најинтересна, па затоа имаме нов профил на кој очекуваме голем интерес. Во електро струката веќе имаме Компјутерска автоматика. Правиме промени за да бидеме поатрактивни за младите, но и да се приспособиме на новото време“, вели директорот Александар Сибиновски.

Во ова училиште на сите образовни профили има слободни места во 10 паралелки од по 34 ученици. Најголем интерес досега имало на Компјутерска техника и автоматика, каде што се пополнува бројот на слободни места уште во првиот круг. Како што додава Сибиновски, 80 отсто од учениците што овде се запишуваат се со просек 5,00, а останатите 20 се одлични ученици со просек над 4,5.

И гимназиите се атрактивни 

Иако во последните години се забележува раст на интересот за средно стручно образование, има интерес и за гимназиско образование. Најпопуларни се гимназиите „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Никола Карев“, „Ѓорги Димитров“, кои најчесто го исполнуваат бројот на слободни места уште во првиот уписен рок.

Во „Никола Карев“ новина е специјалната т.н. италијанска паралелка, каде што учениците учат италијански јазик со 6 часа неделен фонд. Покрај општообразовните предмети, учат и за италијанската историја, уметност и јазик. Во оваа гимназија годинава има место за 272 ученици во прва година, кои ќе учат во 8 паралелки.

„Во прва година се учат општообразовните предмети, во втора имаат 5 изборни предмети кои ги избират врз основа на афинитетите, а во трета година бираат подрачја на кои размислуваат да продолжат. Досега кај нас во прв круг се затвора уписот, се пополнуваат сите места. Условот за упис се 60 бодови. Во моментот кога се поднесува електронската пријава, веднаш се носат и документите во училиште“, вели директорот Андреј Манолев.

Во 2023 година, МОН воведе електронско аплицирање. Но, документите учениците мораа да ги достават и во електронска форма и во оригинал. Истата пракса се задржа и лани.

Во училиштата каде што се пријавуваат поголем број ученици од предвидените во овој конкурс, а кои ги исполнуваат предвидените услови, се организира квалификациско тестирање. Тестирањето се однесува за сите ученици кои имаат ист број поени и се под и над последниот реден број предвиден за прием согласно конкурсот.