Пандев: Треба да го смениме менталитетот и женскиот фудбал да го издигнеме на повисоко ниво

Фото: Скриншот од видео, Влада на РСМ

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, на денешната панел дискусијата „Како до родова еднаквост во фудбалот“, рече дека женскиот фудбал во земјава треба и заслужува да биде издигнат на повисоко ниво, за што е потребно да се среди инфраструктурата, но и да се добие финансиска поддршка од ФИФА и да се најдат спонзори. Покрај проблемот со лошата инфраструктура за развој на женскиот фудбал во Северна Македонија, главна причина за ваквата позиција е и менталитетот.

„Девојчињата се воспитуваат дека е срамота да играат фудбал. Јас со исто внимание го гледам женскиот фудбал како машкиот. Подеднакво ми е интересен“, вели Пандев.

Тој додава оти во Италија каде веќе долго време живее, во последните години женскиот фудбал оди во нагорна линија, а женската фудбалска лига има свои телевизиски права и редовни спонзори.

„Многу внимание се посветува на женскиот фудбал, а и во мојата менаџерска агенција има и жени фудбалерки. УЕФА во последно време многу се залага за тоа, а истото треба да го прави и Фудбалската федерација на Македонија за развој на женскиот фудбал“, рече Пандев, кој додаде дека посакува еден ден и нашата женска репрезентација да се пласира на едно Европско првенство и да се промовира на достојно ниво.

Фото

Ангела Рајчевска | Фото: Скриншот од видео, Влада на РСМ

Според Ангела Рајческа, женски фудбалски судија, треба да се избориме со стереотипите, машки и женски фудбал, и да се работи на подобрување на третманот на женскиот фудбал.

„И за мажите и за жените во фудбалот важат истите правила и затоа треба да се изедначат и условите“, вели Рајческа.

Таа потенцира дека во земјава, женската фудбалска лига е деградирана, а терените на кои се игра се несоодветни, нема услови за хигиена во соблекувалните, а и финансиските надоместици за судијките, не се еднакви како со судиите од машката лига.

Рајчевска посочи пример дека ПЦР тестови не биле обезбедени за женската лига поради што не се одиграла, а имало за машката.

„Во медиумите нема ни 20 отсто покриеност за женските спортови воопшто, со објаснување од нивна страна, дека се тие неатрактивни“, вели таа.