Отворен повик за учество на млади на Младинскиот климатски самит во Скопје

Фото: УНИЦЕФ

Отворен е повикот за учество на млади лица на Младинскиот самит за климатски промени кој ќе се одржи на 10 септември во паркот на МКЦ во Скопје. Самитот ќе им даде шанса на младите на возраст од 15 до 24 години да се вклучат во дијалог со креаторите на политики, да разменат мислења и да се поврзат со други посветени млади луѓе на животната средина и климатските промени.

„Настанот претставува можност за младите луѓе да го кажат својот став и да земат свое учество во текстот на Младинската декларација за климатски промени. Декларацијата ќе биде документ што ќе ги отсликува погледите и ставовите на младите луѓе за климатските промени и ќе се сподели со локалните и националните институции, и ќе биде претставен на Младинскиот самит за климатски промени на Обединетите нации, во Милано, Италија“, велат организаторите на самитот.

Младите кои се заинтересирани можат да се пријават на овој линк најдоцна до 5 септември, недела.

Младинскиот самит за климатски промени е иницијатива водена од младите лица, поддржана од УНИЦЕФ и финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и организирана во партнерство со Амбасадата на Италија како домаќин на Младинскиот самит и Амбасадата на Обединетото Кралство како земја домаќин на Конференцијата за климатски промени на ОН во Глазгов.

УНИЦЕФ информира дека ќе се одржи и Саемот на еко-иновации, каде поединци, невладини организации, компании, факултети и други субјекти ќе ги презентираат своите иновации кои на разни начини се поволни за животната средина и климата.

„Еко-иновација може да биде производ, услога, дигитална или физичка, коишто помагаат за подигнување на свеста за климатските промени, намалување на емисијата на стакленички гасови, создавање промени преку ангажман за климатските промени и друго“, се вели во најавата за настанот.

Заинтересираните организации кои сакаат да ја промовираат својата еко-иновација можат да се пријават на следниот линк.

Организаторите информираат и дека согласно мерките на Владата за настани на отворено, сите учесници над 18 години треба да приложат доказ за вакцинација и учество на настанот.