Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организира „Отворен ден на УКИМ“ на 30 ноември, вторник, на кој ќе бидат презентирани студиските програми на факултетите, активностите на студентите и центрите за кариера.
Настанот ќе се одржи онлајн, преку платформата Microsoft Teams, соопштија од УКИМ.
На отворениот ден, матурантите и идни студенти ќе имаат можност одблиску да ги запознаат професорите и студентите и да прашаат за студиските програми, можностите за стипендирање, да ги слушнат искуствата на студентите и нивната вклученост во научноистражувачките проекти, но и да дознаат повеќе за можностите за меѓународна размена, студентскиот живот и за практикантството.
Повеќе информации, како и целосниот распоред на видеоконференциските сесии со линковите за пристап можат да се најдат на веб-страницата на УКИМ.