Отворен ден на УКИМ на 19 август

УКИМ
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Скопје / фото: Мета.мк

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организира „Отворен ден на УКИМ“ на 19 август, петок, на кој ќе бидат презентирани студиските програми на факултетите, активностите на студентите и центрите за кариера.

На Отворениот ден, матурантите – идни студенти ќе можат физички да ги посетат сите факултети на овој универзитет, и тоа во периодот од 10 до 14 часот.

Овој настан се организира со цел идните студенти одблиску да се запознаат со професорите и студентите и да прашаат за информации во однос на студиските програми, можностите за стипендирање, но и да ги слушнат искуствата на актуелните студенти, нивните активности и вклученоста во научноистражувачките проекти, како и да дознаат за можностите за меѓународна размена, студентскиот живот, практикантството и кариерните можности.

„Прошетајте низ факултетите на УКИМ, запознајте се со нивните физички капацитети, амфитеатри, лаборатории. Студирајте на Универзитетот со најдолга традиција во нашата земја“, велат од УКИМ по повод Отворениот ден.