fbpx

Отстранета е таблата со името на градот Севастопољ од „руското“ детско игралиште во Скопје

-

Детското игралиште со руска тематика зад Универзалната сала во Скопје, во чија изградба учествуваа Општина Центар и Амбасадата на Руската Федерација во земјава, предизвика своевиден дипломатски скандал. Мета.мк откри дека меѓу поставените табли со имиња на руски градови, беше вметната и табла со името на украинскиот град Севастопољ. Станува збор за најголемиот град на полуостровот Крим на Црното море, кој беше анектиран од страна на Руската Федерација и за кој се води спор за нарушување на меѓународното право и територијалниот интегритет на Украина.

По повеќе од два месеци, новинарската екипа на Мета.мк забележа дека таблата со името на градот Севастопољ е отстранета од детското игралиште зад Универзална сала, додека натписите со останатите градови останаа. Мета.мк ја контактираше Украинската амбасада во Скопје, од каде потврдија дека тие за ова прашање реагирале и до Министерството за надворешни работи и до Градот Скопје.

Таблата со градот Севастопољ што беше поставена на детското игралиште кај Универзална сала; Фото: Мета.мк, октомври 2021 г.

„Амбасадорката на Украина во земјава г-ѓа Наталија Задорожњук оствари и низа релевантни средби во МНР каде го изрази ставот за недозволивото учество на официјални претставници од Северна Македонија, посебно раководството на Општина Центар, во обидот на руската страна да го легализира статусот на привремено окупираните територии на Автономната Република Крим и г. Севастопољ како посебен субјект на Руската Федерација“, велат од Украинската амбасада.

Оттаму велат дека од МНР го потврдиле својот цврст став за поддршката на Северна Македонија на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Посочуваат дека од МНР ги увериле дека ова прашање ќе биде решено.

Од Амбасадата за Мета.мк додаваат дека Украина го цени фактот што С. Македонија, како земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, не го признава нелегалниот обид на Руската Федерација да го анектира украинскиот Крим. Тие, исто така, потсетуваат дека Северна Македонија е потписник на сите резолуции во Генералното собрание на ООН во врска со илегалниот обид на Русија за анексија на украинскиот полуостров Крим и дека земјава зеде учество на Самитот на Кримската платформа одржан во Киев во август оваа година.

Детското игралиште со руска тематика со отстранетата табла во позадина; Фото: Мета.мк

„Со оглед на ова, во споменатите обраќања Амбасадата апелираше до надлежните итно да се преземат соодветни мерки за исправување на оваа ситуација и нејзино усогласување со принципите и нормите на меѓународното право“, велат од Украинската амбасада.

И тие неделава забележале дека таблата со името на градот Севастопољ е отстранета од детското игралиште зад Универзалната сала.

„Убедени сме дека тоа е токму резултат на споменатите апели на Амбасадата до надлежните органи на Северна Македонија и соодветно преземените мерки, за кои сакаме да им изразиме благодарност за надлежната и ефикасна реакција“, велат од Амбасадата. Оттаму се надеваат дека вакви вознемирувачки ситуации нема да се повторуваат во иднина, а односите помеѓу двете земји ќе се зацврстуваат и развиваат во духот на пријателството и соработката.

Инаку, поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ на својата Фејсбук страница на 27 септември годинава првично објави дека привршуваат градежните работи на детското игралиште позади Универзална сала, информирајќи ја јавноста дека игралиштето добива нови квалитетни детски реквизити, подна подлога, ново зеленило, како и клупи и канти за отпадоци.

На два дена пред одржувањето на првиот круг од локалните избори во земјава, на 15 октомври поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ објави уште еден пост на својата Фејсбук страница, во која информира дека заедно со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин биле на увид на детското игралиште позади Универзална сала, коешто било изградено како заедничка инвестиција на Општина Центар и Амбасадата на Руската Федерација во земјава. Тогаш ваквиот пост на Богдановиќ го реобјави и Амбасадата на Руската Федерација на нивната официјална страница на Фејсбук.

Новинската агенција Мета испрати прашања во врска со овој случај и до Општина Центар и до Министерството за надворешни работи, како и до Градот Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Лицето кое ја уби 46-годишната Танкица Маладеновска во Кочани на 25 септември доби доживотна затворска казна, соопшти Јавното обвинителство. Основниот суд во Кочани донесе пресуда за злосторникот за кривичното дело...