Бујар Османи. Фото: МНР, 21 јули 2021

Педесетина граѓани на Северна Македонија во текот на ноќта и изутрината се префрлени од Кабул во Доха и во Абу Даби, а утрово уште 19 наши граѓани се превезени за Доха, Катар, а потоа со цивилни летови преку Катар и Лондон треба да се вратат во земјава. Како што соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи, во НАТО базата во Кабул има уште 14 наши државјани, од кои 11 треба наскоро да бидат евакуирани.

„Според последните информации на терминалите на аеродромот во Кабул веќе нема наши граѓани кои чекаат да бидат евакуирани. Во НАТО базата во Кабул која се наоѓа буквално залепена до аеродромот се наоѓаат уште 14 наши државјани, 11 од нив наскоро треба да бидат ставени во планот за евакуација, а само уште тројца наши граѓани по нивно барање остануваат да ги вршат своите обврски во базата и ќе бидат евакуирани заедно со војската од базата. Во сите овие места и градови каде се упатуваат нашите граѓани активирана е дипломатската мрежа со цел да се асистира ако се појават некои предизвици на нивниот пат кон дома“, рече Османи на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека од НДИ е пристигнато барање за прифаќање околу 200 лица, жени, деца и вработени во оваа организација во Авганистан за привремено сместување во Македонија.