Оркестар го придружи немиот филм „Уцена“ на Хичкок во Кино Милениум

Ансамблот го сочинуваа млади македонски и европски музичари, кои беа дел од едукативната програма на „Fame's Institute“

Фото: Мета.мк

Вчеравечер во салата на Кино Милениум се одржа проекција на стар филм. Филмот беше толку стар, што доаѓа од времето пред да има звук во филмовите, кога движечките слики ги придружувала само музика. Но, наместо оваа музика да биде пуштена на звучниците, таа беше изведена во живо од оркестар, како што и порано се гледале немите филмови.

Публиката го имаше задоволството да го гледа филмот „Уцена“ („Blackmail“) од легендарниот Алфред Хичкок. Во филмот, кој излегол пред речиси цел век, во 1929 година, се работи за млада жена вовлечена во заговор за уцена откако ќе убие човек во самоодбрана. Фановите на британскиот режисер веднаш ќе ги познаат неговите омилени теми: криминал, вина, прељуба и постојана тензија. Оркестарот, сочинет од млади македонски и европски музичари, вешто и динамично ги следеше сите падови и подеми на емоциите во филмот.

Ансамблот беше дел од проектите на музичко едукативниот центар „Fame’s Institute“. Тие организираат секакви програми, во кои студенти од државата и регионот ја имаат тешката задача да научат и изведат пред публика едно музичко дело во многу краток рок.

„За подготовка на делото ја имавме само таа недела, односно четири денови. Беа многу интензивни четири денови, имавме проби и наутро и попладне. А станува збор за 75 минути музика престан“, вели за Мета.мк Маестро Мириан Хухунаишвили, грузискиот диригент на вчерашниот настап.

Маестро Мириан Хухунаишвили | Фото: Кинотека на Македонија

Не е првпат Хухунаишвили да диригира оркестар кој свири заедно со нем филм – пред четири години го извел истото дело на филмски фестивал во Грузија. Тој вели дека ваквите настапи се потешки и од симфонии – на него лежи цела одговорност за синхронизацијата на музиката и филмот.

„Цело време морав да го следам филмот, да ја читам партитурата и да му давам знаци на оркестарот. Оркестарот требаше постајано да биде многу фокусиран затоа што не знаеја кога ќе ја забрзам или забавам музиката. Навистина беше многу, многу голем предизвик“, објаснува Хухунаишвили, кој навистина изгледаше исцрпено по настапот.

Нивото на синхронизација беше навистина импресивно. Бакнеж на образ во филмот беше совршено придружен од игрива висока нота, ѕвончето на врата беше имитирано од оркестарот при секое влегување, дури и ѕвонењето на телефонот кој во последен момент ја спасува нашата хероина беше изведено во живо.

Оригиналниот плакат за „Уцена“ од 1929 година

Немите филмови исто така се разликуваат од „нормалните“ филмови со тоа што немаат само една официјална придружна музика. Во тоа време, секаква различна музика била изведена во придружба на еден ист филм. Имено, вчерашната музика била напишана далеку по воведувањето на звук во филмовите, дури во 2008 година.

„Музиката на Нил Бренд е фантастична. Тој вешто асоцира одредени теми со одредени ликови, кои потоа се менуваат како што и ликовите се менуваат“, вели Хухунаишвили.

Бренд има пишувано нова музика за повеќе стари филмови, вклучувајќи го „Станар“, друг легендарен филм од почетоците на кариерата на Хичкок. Музиката за „Уцена“ се чинеше како некаков наратор во филмот, доловувајќи ја психата на ликовите во секој момент.

„Како што „Уцена“ ужива во сивите области на човечкото однесување, така се обидов и музиката да содржи подеднакво многу примамливи нијанси на сиво“, рекол Бренд кога првпат се извела неговата музичка придружба на „Уцена“.

Вчерашниот настап дефинитивно ја отслика намерата на композиторот. За 75 минути, скопската публика се транспортираше во минатиот век, во еден друг свет кога одењето на кино било сосема поинакво искуство од тоа што е денеска.

Настанот беше во рамките на Фестивалот на нем и класичен филм на Кинотека на Македонија, во соработка со Кино Балкан. Овде можете да прочитате за февруарскиот настап „Свинг!“ на „Fame’s Institute“, кога млади музичари ѝ оддадоа почит на џез музиката од минатиот век.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)