По 16 години пауза, светско познатиот британски рок бенд „Оејсис“ најавија летна турнеја во Велика Британија и Ирска следното лето, пренесува Гардијан. Во соопштение, менаџментот на бендот рече дека фановите може да очекуваат повеќе концерти и надвор од Европа.
„Пушките стивнеа. Коцките се наредија. Долгото чекање заврши. Дојдете да видите. Нема да се пренесува на телевизија“, напишаа „Оејсис“ во најавата за турнејта во 2025 година.
Оваа вест ги изненади слушателите на манчестерскиот бенд, кој е познат по јавните расправи меѓу главните членови и браќа Лијам и Ноел Галагер. Воедно, бендот се распадна откако Ноел, главниот композитор и текстописец на бендот, ненадејно откажа настап на француски фестивал во 2009 година, само неколку часови пред да треба да се одржи. Тогаш напиша на веб-сајтот на бендот дека не може да замисли да работи „уште еден ден“ со неговиот брат и вокалист Лијам.
Бендот рече дека немало еурека момент кој ја поттикнал претстојната турнеја, туку дека тие полека сфатиле дека дошло „правото време“ за неа.
Браќата навестија дека нешто ново ќе се случува со бендот на своите социјални мрежи, а Лијам на свој концерт посвети песна на „Оејсис“. Лијам моментално е на турнеја која ја слави 30-годишнината на првиот албум на бендот.
Турнејата вклучува четири концерти во стадионот Вембли во Лондон, четири концерти во матичниот Манчестер, како и концерти во Единбург, Кардиф и Даблин.
„Оејсис“ најави дека засега нема планови да снима нов материјал.
Дополнително, сè уште не се знае кои други музичари ќе ги придружат Лијам и Ноел на сцената. Лијам моментално е на турнеја со Пол Артурс – Боунхед, првиот гитарист на „Оејсис“.