Органското производство неразвиено, младите мора да се едуцираат за здравата храна

Фото: ФАО

Органското производство постојано опаѓа, иако побарувачката на органски производи секоја година е сѐ поголема. Според податоците од Државниот завод за статистика, во последната декада површините под органско производство постојано се намалуваат и ниту еднаш не надминале еден процент од вкупните земјоделски површини во земјава, иако според проекциите во Националниот план за органско земјоделство до 2020 година требало да бидат најмалку четири проценти.

И покрај убедувањето дека Македонија е земјоделска земја со чисти краишта и одлични можности со органско производство, минатата година засадени биле само 4.277 хектари со органска храна, што е само 0,34 проценти од вкупното земјоделско земјиште. Состојбата била слична и претходните години, во 2020 бројката била 3.957, а во 2019, 4.207 хектари. Во последните десет години, најмногу органски површини имало во 2011 – 6.581, а најмалку во 2014 – 2.359 хектари.

Во Министерството за земјоделство не прецизираат зошто не е исполнета оваа проекција, но потенцираат дека во меѓувреме пораснала конкурентноста во органското производство.

„Посебна студиска анализа на површините сертифицирани за органско производство по години не е објавена. Од статистичките податоци може да се види дека површините сертифицирани за органско производство се со извесно намалување, а бројот на фармерите е во пораст. Ваквиот тренд нѐ упатува на тоа дека расте конкурентноста на органските растителни производи“, велат од Министерството.

Од таму нагласуваат дека според Националната програма за земјоделство и рурален развој 2018-2022, финансиската поддршка за органското производство е повисока од таа за конвенционалното. Минатата година органските производители добиле 30 отсто повисоки субвенции за фуражни култури, 50 отсто за полјоделски култури, сточарско и пчеларско производство, 70 отсто за овоштарство и лозарство и 100 отсто повисок и субвенции за градинарско производство. Исто така со директните плаќања покриени биле 50 отсто од трошоците за сертификација на органското производство и 70 отсто од трошоците за извршени агрохемиски, педолошки или анализи на остатоци од пестициди, тешки метали и други материи на почва и во органски производи.

Бројот на органски производители, според статистичките податоци, во последните пет години расте, а минатата година 929 земјоделци произведувале органска храна. Сепак, иако природните услови во земјава се одлични, овие производители обработуваат сѐ помалку земја. Само субвенциите очигледно е дека не се доволни за зголемување на атрактивноста на овој тип производство, кое бара постојана едукација и примена на технологија, заради што младите мора и на други начини да се мотивираат да станат фармери.

Бенефитите од зголемувањето на површините би биле многустрани, не само со отворањето можности за поголема конкурентност на домашното производство на странските пазари, туку и со намалената примена на хемиските препарати и можностите за заштита на почвата и водите од загадување.

Професорката на Земјоделскиот факултет Рукие Агич смета дека за успешно органско производство најмногу нѝ недостасуваат координација и едукација на младите, бидејќи фармерите мора да имаат многу знаење и добри вештини, кои не секогаш можат самите да ги обезбедат.

„Не е едноставно да се добие финален органски производ без претходна едукација, a младите фармери кај нас ги немаат сите информации. Процесот на конверзија и сертификација е долг и ги плаши идните органски производители, заради што тие мора постојано да имаат пристап до најнови податоци за достапните технологии, како и за био препарати кои се дозволени во овој тип на производство“, вели Агич.

Таа посочува дека едукацијата на оваа тема е веќе присутна во образовниот систем, но мора да се одржува и линк со фармерите и да се обезбеди начин тие на брз и едноставен начин да дојдат до информациите кои им се потребни.

Во таа насока, на предлог на Министерството за образование и наука, Владата неодамна донесе одлука за воведување на нови мотивирачки стипендии за студенти запишани на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки, кои ќе изнесуваат 18.000 денари месечно, а ќе се доделуваат за девет месеци во текот на една академска година.

Освен едукацијата, според Агич, клучни се и промоцијата и продажбата на органските продукти, бидејќи најголемата побарувачка е во поголемите градови, а најголемото производство е во руралните средини. Во последните години и кај нас и во светот побарувачката на органски производи постојано расте, а најмногу се бараат свежиот зеленчук и овошје.

„Со оглед на побарувачката, несомнено е дека органското производство мора да се зголемува. Промени ќе има и кај конвенционалното, особено во употребата на пестициди за кои Европската комисија има утврден акционен план дека до 2030 година ќе треба да се намалат за 50 проценти“, вели Агич.

Во насока на зголемување на производството за храна неодамна министерот за земјоделство Љупчо Николовски најави дека во измените на Законот за земјоделско земјиште се планира воведување на новина со која државата ќе може да ги издава нивите во приватна сопственост кои не се обработуваат долг период. Целта е на над 90.000 хектари низ целата земја повторно да се произведува храна, а не да се продадат и да станат градежно земјиште.