fbpx

Општините се соочуваат со финансиски потешкотии и загаден воздух, велат од ЕК

Во извештајот се наведува дека реформите во локалната самоуправа, главно оние поврзани со фискалната децентрализација, имаат ограничен напредок

-

Финансиските тешкотии, јавните набавки, аерозагадувањето и занемарувањето на граѓанското општество при одлучувањето се дел од многуте критики што Северна Македонија ги доби за локалната самоуправа од Европската комисија во Извештајот за 2023 година за нејзиниот пат кон евроинтеграциите. Порталб.мк анализираше што пишува во Извештајот за општините.

Во извештајот се наведува дека реформите во локалната самоуправа, главно оние поврзани со фискалната децентрализација, имаат ограничен напредок.

„Но, фискалните придобивки што произлегоа од минатогодишните измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа општините сè уште не ги почувствувале. Владата мора итно да ја подобри нормативната и финансиската рамка во согласност со програмата за 2021-2026 година за одржлив локален развој и децентрализација“, се наведува во Извештајот.

Нагласено е дека општините и понатаму се соочуваат со големи финансиски тешкотии како резултат на инфлацијата и зголемувањето на трошоците за енергија. Извештајот сугерира дека Владата и општините треба да размислат за воспоставување на еден постојан механизам за соработка со цел да заживее меѓуинституционалниот дијалог помеѓу различните нивоа на власт, особено во врска со процесот на преговорите за членство во ЕУ.

Во однос на јавните набавки, во Извештајот се нагласува дека треба да се зајакнат капацитетите на централните и локалните договорни органи.

„Капацитетот за управување со процесите на јавните набавки треба дополнително да се зголеми, особено од локалните власти, за да се обезбеди покохерентен пристап кон управувањето со циклусот на набавки“, се наведува во Извештајот.

Правната рамка за внатрешна контрола е нашироко усогласена со меѓународните стандарди, но се вели дека нејзината имплементација треба дополнително да се зајакне.

„И покрај тековната работа за давање на понатамошни насоки, ефикасното спроведување на менаџерската отчетност останува предизвик за буџетските корисници на централно и локално ниво“, се забележува во Извештајот.

Истовремено се нотира дека е постигнат ограничен напредок во зајакнувањето на следењето на фискалните ризици во однос на единиците на локалната самоуправа.

„Минатогодишните препораки и понатаму важат. Наредната година земјата треба да го подобри процесот на децентрализација преку една сигурна рамка за финансирање на општините“, се нагласува во Извештајот.

Според извештајот, делегирањето на одлучувачката власт кај средниот менаџмент останува ограничено и на централно и на локално ниво.

„Потребни се континуирани напори за ефикасно интегрирање на менаџерската отчетност низ јавната администрација“, се наведува во Извештајот.

Според извештајот, загадувањето на воздухот останува главен проблем во големите градови, постигнат е ограничен напредок во мониторингот на квалитетот на воздухот и не се направени легислативни активности за квалитетот на воздухот во периодот на известување, а мрежата за автоматско следење продолжува да се одржува.

„Минатогодишните препораки се делумно исполнети. Во наредната година земјата треба да спроведе конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот на локално и национално ниво и за намалување на загадувањето на изворите на вода“, се нагласува во Извештајот.

Меѓу другото, се вели дека во тек е воспоставувањето на структурата на фондот за енергетска ефикасност.

„Општините се охрабруваат да преземат чекори за целосно исполнување на нивните обврски за развој и спроведување на програмите за енергетска ефикасност“, нотирано е од страна на ЕК.

За социјалниот дијалог, ЕК вели дека социјалните партнери се вклучуваат во конструктивен трипартитен социјален дијалог и на национално и на локално ниво.

Во Извештајот се вели дека не е постигнат напредок во законодавната рамка, но основните принципи остануваат во голема мера во согласност со правото на ЕУ за регионален и општински развој.

Се нагласува дека нема напредок во националната стратегија за имотните права.

„На локално ниво имотните листови не се ажурираат редовно и св уште се водат во аналоген формат“, се забележува во Извештајот.

Според Извештајот локалните власти треба да бидат попроактивни и да развијат одржливи пристапи за вклучување на невладините организации во креирањето на политиките на локално ниво.

„Треба да се подобри соработката на локално ниво меѓу заинтересираните страни, да се вклучат невладините организации и младите во одлуките што ги засегаат нив“, се наведува во Извештајот.

Според Извештајот, треба да се подобри објавувањето на информациите и податоците на официјалните веб-страни, посебно на локално ниво.

ЕК вели дека останува ниска застапеноста на малцинските заедници на локално ниво.

„Властите треба да ја спроведат препораката издадена од Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за националните малцинства за ратификување на Европската повелба за регионални или малцински јазици, потпишана во 1996 година“, се наведува во Извештајот.

На локално ниво мерките за спречување на насилен екстремизам и тероризам продолжуваат да се спроведуваат од страна на локалните совети за превенција, тимовите за акција во заедницата и локалните мултидисциплинарни тимови.

„Локални мултидисциплинарни тимови има во 9 општини– Скопје, Куманово, Гостивар, Тетово, Кичево, Охрид, Струга, Штип и Прилеп – за да им пружат поддршка на повратниците и нивните семејства. Овие тимови работат во координација со центрите за социјални услуги. Потребна е поголема јасност за поделбата на овластувањата, должностите и одговорностите меѓу локалното и централното ниво за подобра соработка во спречувањето и борбата против насилниот екстремизам. Државата треба да донесе дополнителни законски одредби за легитимирање и регулирање на активностите на органите на локално ниво“, се наведува во Извештајот.

Во извештајот, меѓу другото, е оценето дека локалните избори за совет на општина Тетово и изборите за градоначалник во Центар Жупа и Маврово-Ростуше се спроведени како што треба.

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот пат кон евроинтеграциите беше објавен на 8 ноември 2023 година. Целиот извештај можете да го прочитате ТУКА.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...