Општина Центар го постави првиoт фотоволтаичен систем на покривот на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот Пепелашка со вкупна инсталирана моќност од 20,5 киловати. Системот, како што информираат општинските власти, ќе може да ги задоволи капацитетите на градинката и во зимскиот период.
„Очекуваме дека со новата фотоволтаична централа значително ќе се намалат вкупните трошоци за електрична енергија на градинката, што ќе ни овозможи повеќе средства да вложиме во одржување на високиот квалитет на услугите за згрижување и едукација на децата. Сакам да ѝ се заблагодарам на ОКТА за нивната посветеност и беспрекорната реализација на овој особено значаен проект и истовремено да ги поканам и останатите компании да го следат нивниот пример и да ни помогнат во реализација на нашите планови за постигнување поголема енергетска ефикасност на сите јавни објекти во нашата општина“, истакна градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Посочи дека Општината, токму за поставување на фотоволтаични централи, неодамна го основа и ТД „Енергија Центар“ за производство и продажба на електрична енергија со цел да ги користи обновливите извори на енергија преку кои ќе заштеди средства и ќе вложува во нови проекти за потребите на граѓаните.
ОКТА ја реализраше оваа донација, како дел како од активностите во обележувањето на 45-годишниот јубилеј на компанијата.
„Во рамки на нашата стратегија за општествена одговорност, оваа година во наш фокус е поддршката на три образовни институции преку донација на соларни централи, со цел да им помогнеме во надминување на предизвиците кои се резултат на енергетската криза“, изјави Ристо Јаневски од ОКТА.