Photo by Issy Bailey on Unsplash

Во Бугарија од денеска повторно се отворени за посетители угостителските објекти и објектите за забава во периодот од 6 до 23 часот, со исклучок на дискотеките, пијано баровите и ноќните барови, соопшти Министерството за здравствена заштита.

Условите се локалите да се исполнети најмногу до половина од просторот, на маса да има најмногу шест лица, а персоналот задолжително да носи заштитни маски. Заедно со другите капацитети што може да почнат да работат се и казината и салите за танци.

Од денеска е дозволено да се одржуваат и часови со физичко присуство во училиштата за ученици со сензорна попреченост, во согласност со мерките за заштита. И училиштата за јазици и другите центри за обуки може да држат настава и обука со физичко присуство, со почитување на мерките, а од денеска се дозволува и физичкото присуство на групни наставни активности на отворено во дворовите на училиштата или на друг простор со почитување на анти-епидемиските мерки.

Се дозволуваат и групни организирани туристички тури во Бугарија, со најава дека вакви тури ќе бидат дозволени и во странство – од 1 април.

Олабавување на мерките има и во Хрватска, каде што од денеска угостителските објекти може да послужуваат гости на терасите на отворено, а се дозволува и работата на фитнес салите, со почитување на строгите заштитни мерки за ваков вид објекти, односно само едно лице на 20 квадратни метри и без физички контакт со другите посетители.

За разлика од овие две земји, во Црна Гора до денеска „затворени“ се само општините Будва и Тиват, а од утре на нив ќе им се придружат и општините Подгорица, Цетиње, Никшиќ, Улцињ, Плужине и Херцег Нови.

Според наредбите за „затворање“, граѓаните на овие општини не смее да ги поминуваат општинските граници освен за извршување на работни задачи, со издадени потврди од работодавецот, поради здравствена заштита, поради потреба да негуваат други лица коишто не може да ги вршат секојдневните работи сами, како и за посетите на родители. Исклучок од забраната ќе бидат студентите, земјоделците и рибарите.

Инаку, во главниот град Подгорица, потоа во Цетиње и општините Никшиќ, Херцег Нови, Котор и Улцињ, е забранета работата на угостителските објекти и на автомат клубовите.

Мерките ќе важат до 10 март. Црна Гора во неделата ја надмина границата од илјада починати од ковид-19.

Во Грција, пак, денеска стапуваат на сила новите мерки за граѓаните на други земји, со кои се воведуваат новите услови за влез. Така, граничните премини „Евзони“ („Богородица“) и „Какавиа“ со Албанија, од денеска ќе работат од 7 до 19 часот, наместо како досега, до 23 часот, а дневно на овие гранични премини ќе може да минат само 400 луѓе. Лицата што ќе влезат во Грција, наместо седум дена, ќе мора да останат 14 дена во самоизолација. ПЦР тестот е задолжителен, односно на границите ќе се прави брз ПЦР тест, а при позитивен резултат нема да биде дозволен влез во земјата.

Инаку, Грција дозволува влез во земјата само на неколку категории луѓе од групата ризични земји, меѓу кои е и Северна Македонија, и новите мерки ќе важат за нив, како и за туристи од ЕУ и Шенген зоната, Велика Британија, Русија, Австралија и други земји. Во групата граѓани на земји означени како ризични се исклучени возачите на камион, медицински персонал и здравствени работници, превозници, дипломати, студенти, негуватели, сезонски земјоделски работници, како и патници во транзит. Новата мерка утрово предизвика колона камиони на „Богородица“, но по неколку часа гужвата се расчисти.

Најновиот ковид-биланс во Грција, за периодот до вчера во 15 часот покажува 1.269 новозаразени и 36 смртни случаи во претходните 23 часа. Со тоа бројката на заразени се искачи на 191.100, а бројката на жртви на ковид-19 на 6.504.