Околу 80 тони линдан ископани од малата депонија во ОХИС извезени во Франција

Третиот дел од депонијата започна со расчистување минатиот месец и досега се ископани и спакувани 231 тон на HCH отпад

Фото: МЖСПП

Околу 80 тони линдан ископани од малата депонија во ОХИС вчера беа извезени на уништување во Франција. Третиот дел од депонијата започна со расчистување минатиот месец и досега се ископани и спакувани 231 тон на HCH отпад кои ќе бидат транспортирани на уништување во текот на следниот период. Како што информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање, изминатиов месец расчистени се и 210 тони на земја контаминирана со HCH, чиј извоз е планиран за следните два месеци.

Фото: МЖСПП

„Чистењето на малата HCH-делта депонија во ОХИС продолжува со ремедијација на лот 3, со кој ќе се отстранат 525 тони на HCH отпад и 210 тони на земја контаминирана со HCH. Во претходниот период, за време на чистењето на првите два лота од депонијата се извезени и уништени 957 тони на HCH отпад и 127 тони на земја контаминирана со HCH“, информираат од Министерството.

Чистењето на малата депонија со линдан продолжи минатиот месец по повеќе од шест месеци застој. Министерството за животна средина и просторно планирање во јуни го одобри планот за ремедијација на грчката компанија „Полиеко“, која повторно беше избрана за вториот дел од активностите за чистење на опасниот отпад.

Фото: МЖСПП

Малата депонија со линдан има околу 13.000 тони, во големата депонија се претпоставува дека има околу 50.000 тони линдан, а депонијата во Пеленица пак исто така содржи огромни количини опасен отпад, околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло. Високите концентрации на HCH во Пеленица се детектирани во покривниот слој земја, на длабочина помала од 20 сантиметри, а на длабочина од само половина метар е најден чист линдан. Во ОХИС до неодамна беа складирани и 64 тони на десетици други опасни хемикалии, кои за две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа извезени на уништување во повеќе држави.