Загадената почва од малата депонија со линдан на ОХИС ќе почне да се извезува во Германија

Фото: Мета.мк

Извозот на земја контаминирана со линдан, која се ископува од малата депонија на ОХИС конечно ќе може да почне, откако е обезбедена транзитната дозвола од Бугарија на која се чекаше подолго време. Почвата, за разлика од линданот, кој се транспортира со брод преку Солунското пристаниште до Франција, ќе патува по копнен пат низ повеќе држави на Европската Унија. Крајната дестинација е Германија, каде контаминираниот материјал ќе се спалува во инсенератор, за разлика од првичните најави дека ќе оди на третман во Холандија, по кој ќе може повторно да се употребува.

Од Министерството за животна средина информираат дека промената на локацијата е заради пребукираноста на холандската компанија, но дека тоа ништо не менува во динамиката на работа и извоз на загадената земја.

„Концесионерот, компанијата „Полиеко“ веќе стапи во контакт со инсенераторот во Германија и се договара датумот кога ќе почне извозот. Околу 126 тони земја, која веќе е ископана во првиот дел од проектот, е спакувана во контејнери и во неколку наврати ќе биде транспортирана со камиони до крајната дестинација“, информираат од Министерството.

Инаку, од почетокот на чистењето на малата депонија во април годинава, досега се исчистени 960 тони на HCH отпад, од кои 480 тони во рамките на вториот дел на проектот. Во инсенераторот во Франција се извезени 740 тони, од кои 355 тони се веќе спалени. Во дворот на ОХИС стојат уште 220 тони линдан, кои ќе бидат транспортирани во наредниот период.

Чистењето на малата депонија, која се проценува дека има околу 7.000 тони отпад, би требало да чини девет милиони евра и се реализира со два проекта на УНИДО и УНОПС со средства од Повеќепартнерскиот фонд за животна средина специјално формиран за чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС, Владата на Норвешка, ГЕФ и 2,5 милиони евра од ИПА 3 програмата.

Министерот Насер Нуредини на почетокот на проектот најави дека позитивните искуства од работата на малата можат да бидат пренесени и на големата депонија, за која се претпоставува дека има околу 50.000 тони опасен отпад. Во моментов не се знае уште колку илјадници тони канцерогена хемикалија има во третата депонија, кај локалитетот Пеленица близу Драчево.

Сепак, од Министерството информираат дека за решавањето на поголемиот проблем со загадувањето во ОХИС пари се уште нема, ниту пак е почната подготовка на проект за чистење на големата депонија. Велат дека и понатаму се бараат опции за финансирање, со оглед на тоа дека пари за овој зафат нема да може да се обезбедат од само еден извор.

„Откако ќе се лоцираат прецизно кои извори на финансии се достапни за оваа активност ќе се знае и каков проект треба да биде подготвен согласно критериумите на достапните фондови“, велат од Министерството.

Опасниот инсектицид веќе пет децении е една од најжешките еколошки локации која постојано му се заканува на Скопје. Линданот докажано го има во воздухот од Центар дури до Ѓорче Петров, а многу веројатно дека се наоѓа и во почвата и подземните води во широк круг околу ОХИС.

Од ова историско еколошко жариште, пред започнувањето на проектот во малата депонија, беа изнесени и 64 тони заостанати залихи на уште десетина опасни хемикалии што со децении исто така биле собирани и складирани во кругот на фабриката. За две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа изнесени 81 боца и еден контејнер со хлор во Србија, 16,7 тони опасен отпад од метанол и акрилонитрил мономер, 17 тони опасен отпад од метанол, 14 тони опасен отпад од хемикалии со непознат состав, 4,2 тони иницијатори и 5,3 тони отпадни хемикалии, односно отпадни киселини, алкохоли и растворувачи, како и 13 тони на винил хлорид мономер.