Охрид SOS: Измените на законот за водите не решаваат клучни проблеми

Извор на фотографија: МЖССП

Охрид SOS реагира на предлог-законот за измена и дополнување на актуелниот Закон за водите подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), посочувајќи на неколку неправилности, како што се нагласува. Реагираат на тоа што предлог-законот не е придружен со експлицитна дефиниција за јавен интерес со која се утврдува како приоритет одржливото користење на водите.

Се забележува и за енормни намалувања на надоместоците што ги плаќаат правните лица за користење на водата за флаширање и за одгледување на риби и птици за продажба. Надоместокот за водата за флаширање e намален за најмалку 45 пати, додека надоместокот за водата користена за одгледување риби и птици за продажба е намален трипати.

Како посебен проблем се посочува тоа што блатата, како засебен тип на воден екосистем, не се на ниеден начин опфатени во законот иако нивната заштита и ревитализација е клучна за опстанокот на нашите природни езера.

„Оцената на ИУЦН за Охридскиот Регион како светско наследство (IUCN, 2017), како и Извештајот од советодавната мисија на ИУЦН и ИКОМОС (IUCN, ICOMOS, 2019), јасно упатуваат дека треба да се подобри состојбата на блатата, да се обноват старите и да се создадат нови блатни екосистеми во насока на спречување на деградацијата на природните вредности на Охридскиот Регион“, се вели во реакцијата.

Како недостаток се пoсочува и тоа што не се предвидува евиденција на бунари и извори, иако во земјава сè уште се користи катастар стар 60 години.

Охрид SOS реагира што не е прифатен нивниот предлог да се воведе забрана правни лица да користат питка вода како техничка и притоа да плаќаат помалку од домаќинствата, како и за тоа што е оставена можноста вештачки ѓубрива и биоцидни производи да се користат на 10 метри од брегот.