Дел од „бомбите“ што минатата година ги објави опозицискиот СДСМ, го открија тоа што многумина го знаеја: голем дел од администрацијата, што од послушност, што од немај-каде, од пусти страв да не остане „без парчето леб“, гласа така како што ќе наложи партијата на власт. Небаре сме во времето на еднопартизмот.

Само за илустрација, во седмата „бомба“, во разговори на ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, со  претседателката на Советот на Скопје, Ирена Мишева, и со други соговорници, слушнавме  наредби од типот: „…кај сите учителки завртете, кол-центарот, со следнава насока: Ви благодариме што излеговте на гласање. Ве молиме за конечна победа на ВМРО-ДПМНЕ во Центар да обезбедите уште еден глас за ВМРО-ДПМНЕ“.

Во аудиоснимките од овој сет прислушувани разговори, се слуша и како Мишева го известува Јанакиески за тоа каков е резултатот од притисокот врз вработените во јавната администрација да го дадат гласот за ВМРО-ДПМНЕ: „ЈСП ви пуштивме, Градски паркинг е комплет, Водовод, Универзална сала ви е комплет пуштена, ДКЦ ви е комплет, Музеј на Град Скопје комплет, средни училишта…“ Слушаме и дека во времето на ексградоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ, во училиштата и во градинките во општина Центар има речиси 100 вработени по партиска линија…

До кое дереџе е дојдена Македонија знае и ЕУ. Така, во Извештајот на Европската комисија за Македонија за 2015 година стои дека земјата во текот на оваа година треба „да се справи со сериозната загриженост за политизацијата на јавната служба и да обезбеди целосно спроведување на начелата на отчетност, транспарентност и заслуги“.

Но, да не одиме понатаму во објаснување за нешто што во Македонија веќе и врапците го знаат. Тоа дека коалицијата на власт интензивно вработувала и вработува луѓе за да ѝ служат нејзе наместо на народот, кој ги плаќа.

Одговорност е кога административците платени од народот му служат на народот, а не на власта!