fbpx

Од понеделник ќе нема јавен превоз ако не се изгласаат субвенции за ЈСП

Доколку Советот на Град Скопје не донесе одлука до недела, 21 јануари 2024 година, во понеделник, вработените во базите и другите сектори, нема да работат, бидејќи не е исплатена во законски рок изработената декемвриска плата, велат од синдикатите

-

Скопјани од понеделник може да останат без јавен превоз доколку Советот на Град Скопје не свика итна седница на која ќе ги изгласа субвенциите за ЈСП за 2024 година, се заканија трите репрезентативни синдикати на Јавното сообраќајно претпријатие.

„Репрезентативните синдикати во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ги повикуваат советниците од Советот на Град Скопје итно да свикаат седница на Советот со една единствена точка на дневен ред, а тоа е гласање за субвенционирање на ЈСП. Бидејќи истите тие советници го изгласаа буџетот на градот Скопје за 2024 година. Тоа значи, доколку не донесат одлука до недела, 21 јануари 2024 година, во понеделник, вработените во базите и другите сектори, нема да работат, бидејќи не е исплатена во законски рок изработената декемвриска плата“, велат од синдикатите.

ЈСП „Скопје“ не може да подели плата затоа што одлуката за доделување субвенции во висина од 11 милиони евра од Град Скопје не помина, бидејќи за неа не гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

„Законски рок за исплата на плата е 15 јануари, денеска сме 18 јануари, а плата немаме добиено, ниту има пари да се подели бидејќи претпријатието нема пари. Бараме итно да се свика седница и да се подели плата“, рече Миќо Стојановски од синдикатот на ЈСП.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска изјави дека очекува одговорност од Советот на Град Скопје, поради неисплатената декемвриска плата. Таа нагласи дека сите одлуки кои што се однесувале на редовното функционирање на ЈСП, а се поврзани со градскиот буџет, биле доставени до Советот и до претстедателот на Советот.

„Дури свикав и една итна седница, но тој со своето дискрециско право одлучи точките кои всушност беа најважни за претпријатијата на Град Скопје, да ги отстрани од дневниот ред. Побаравме нова вонредна седница, истата до овој момент не е свикана. Јас се надевам дека прво одговорност ќе понесат со функцијата што ја имаат, а доколку сакаат свесно да ги уништат претпријатијата, одговорноста е нивна. Ние, од наша страна, направивме сѐ што можевме“, рече Арсовска.

Инаку, следната редовна седница на Советот на Град Скопје е закажана за 31 јануари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...