fbpx

Од ковид во октомври во земјава починале 11 лица, превентивните мерки да се почитуваат

„Висока бројка е 11 смртни случаи за само еден месец, со оглед на фактот дека овој сој не дава тешки симптоми и поминува лесно. Ние во минатото за грип сме забранувале посети и сме препорачувале да се носи маска во автобус, во затворен простор. Овие месеци се такви и треба да се внимава“, вели епидемиологот д-р Александар Стојанов

-

Раст на бројот на починати лица од ковид-19 во земјава. Во октомври 2023 година починале 11 лица од ковид-19, што е значителен раст во споредба со септември кога од ковид починале пет лица, како и од август кога имало само еден починат. Ова се официјални податоци од Институтот за јавно здравје, за кои епидемиолозите велат дека треба да претставуваат знак за предупредување за луѓето за почитување на превентивните мерки.

Во Македонија во текот на месец октомври 2023, пријавени биле вкупно 535 заболени од ковид-19, а 11 лица починале, пишува во најновиот билтен за движењето на акутните заразни заболувања за месец октомври, кој редовно го објавува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

„Од заболените во октомври, најголем број на заболени се пријавени од Скопје, а највисока инциденца се регистрира во Кавадарци. Регистрирани се 214 реинфекции. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31.10, пријавени се вкупно 349.881 потврдени случаи на ковид-19 и 9.957 смртни случаи. Бројот на аплицирани дози на ковид-19 вакцина во октомври изнесува вкупно 20, од тоа 10 се прва, по 2 како трета и четврта, и 6 како петта доза“, пишува во извештајот.

Мета.мк разговараше со епидемиологот д-р Александар Стојанов, кој е изненаден од високиот број на смртни случаи, бидејќи доминантниот сој дава лесни симптоми. Тој вели дека нема да штети ако луѓето внимаваат на себе, посебно овој период кога заладува.

„Висока бројка е 11 смртни случаи за само еден месец, со оглед на фактот дека овој сој не дава тешки симптоми и поминува лесно. Починатите лица најверојатно биле и со коморбидитети, а улога сигурно играла и возраста. Во Зрењанин ставиле забрана за посета на болницата, па сметам дека и ние не е на одмет ако сме малку на штрек. Ние во минатото за грип сме забранувале посети и сме препорачувале да се носи маска во автобус, во затворен простор. Овие месеци се такви и треба да се внимава“, смета д-р Стојанов.

ЕГ.5 или Ерис, доминатниот сој изминативе месеци, е варијанта на ковид-19 која стана доминантна прво во САД, па се прошири во Кина и Британија. Распространетоста на новиот сој расте, а симптомите најчесто се главоболка, рапав глас, болки во мускулите и изменето чувство за мирис. Според епидемиолозите, овој нов сој не треба да нè загрижува.

Заклучно со 31 октомври 2023 година, вакцинирани се вкупно 876.174 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 857.229 лица.

Ако се погледнат бројките од летово, во јули пријавени биле 23 случаи на ковид-19. Во јуни имало 29 случаи, а во мај оваа бројка била 119. Во август имало 112 регистрирани случаи на ковид-19, додека во септември оваа бројка значително се зголемила на вкупно 855 случаи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...