Joint press conference by NATO Secretary General Jens Stoltenberg, US Secretary of State Antony J. Blinken and US Secretary of Defense Lloyd J. Austin III

Од 1 мај ќе почне целосното повлекување на НАТО силите од Авганистан, најавија доцна синоќа генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, американскиот државен секретар Ентони Блинкен и секретарот за одбрана на САД Лојд Остин по состанокот на министрите за надворешни работи и за одбрана на Организацијата на Северноатлантскиот договор.

„Во светлото на одлуката на САД да се повлечат, министрите за надворешни работи и за одбрана на НАТО денеска разговараа за следниот чекор. И одлучија дека до 1 мај ќе почнеме да ги повлекуваме силите на НАТО мисијата „Олучна поддршка“. Нашето повлекување ќе биде уредно, координирано и промислено. Планираме за неколку месеци да го завршиме повлекувањето на сите наши трупи“, рече Столтенберг на прес-конференцијата доцна синоќа.

НАТО во Авганистан во моментов има околу 9.600 војници, од кои околу 2.500 се американски. Втор по големина контингент е германскиот, со околу 1.300 војници.

Македонскиот контингент се состои од штабни офицери и инструктори, како и хируршки тим во рамки на норвешка хируршка болница. Од 2002 година во мисијата ИСАФ учествуваа околу 2.700 македонски војници, а околу 400 во мисијата „Одлучна поддршка“, која ги замени Меѓународните сили за поддршка во стабилизацијата (ИСАФ).

„Секој напад на Талибанците врз нашите трупи во овој период ќе биде дочекан со силен одговор. Отидовме во Авганистан заедно. Се прилагодивме заедно. И обединети сме во заедничкото повлекување“, предупреди генералниот секретар на алијансата.

САД најавија дека повлекувањето симболично ќе заврши на 11 септември, денот на терористичкиот напад врз кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк, по што првпат беше применет членот 5 (за колективна безбедност) од Северноатлантскиот договор и почна дваесетгодишното воено присуство на Алијансата во Авганистан.

На синоќешниот состанок, на кој преку видео-конференциска врска учествуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и министерот за надворешни работи Бујар Османи, станало збор и за концентрирањето на руски сили во близина на границата со Украина, а министрите ја повикаа Русија да ги деескалира тензиите.