Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија беа генерално добро спроведени и кандидатите можеа слободно да водат изборна кампања, но правната сигурност беше поткопана поради значајни промени на законската рамка и последователните владини уредби со законска сила, велат набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР во денешната изјава.

„Ова се многу предизвикувачки времиња за одржување на избори, и ги препознаваме напорите на властите да се прилагодат на новите околности“, рече Лаима Андрикиене, шефицата на Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) на ОДИХР.

„Сепак, постојат неразјаснети прашања околу Изборниот законик и процеси кои често доведуваа до политички договори во последен миг. Властите треба да посветат сериозно внимание на овие прашања, подолго време пред одржувањето на следните избори“, изјави Андрикиене.

Во соопштението на ОБСЕ/ОДИХР се вели дека околу 1,8 милиони лица имале право на глас на вчерашните предвремени парламентарни избори кои беа одложени поради пандемијата со ковид-19.

„Изборната администрација ја заврши својата работа во рамки на законските рокови, и покрај компликациите предизвикани од суспендирањето на изборниот процес. Денот на гласање помина мирно, и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите. Сепак, долгогодишните структурни прашања поврзани со составувањето на избирачкиот список останаа неадресирани“, се вели во соопштението на ОБСЕ/ОДИХР.

Тие велат дека законската рамка била суштински изменета непосредно пред распишувањето на изборите, коешто е спротивно на меѓународните добри практики. Континуираните неконзистентности и двосмислени формулации ја поткопале правната сигурност, и на нив сè уште им е потребна суштинска ревизија.

„Кандидатите имаа можност вистински да се натпреваруваат и да ги пренесат пораките, иако кампањата се карактеризираше со негативна реторика, на сметка на суштински дискусии за политики. На медиумското известување за изборите генерално му недостасуваше критичка анализа на платформите, а правилата за политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми политички партии“, се наведува во нивното соопштение.

Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) на ОДИХР во Северна
Македонија започна со работа на 19 јуни и ќе заврши на 23 јули. СМПИ се фокусираше на прашања идентификувани од страна на Мисијата за проценка на потребите на ОДИХР, со цел да процени во која мерка изборите беа спроведени во согласност со заложбите на ОБСЕ и други меѓународни стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство.