Објавени победниците од меѓународниот стрип-конкурс „Стрипот и историјата“

Фото: Фејсбук страна на CAN for Balkans - Macedonia

Објавени се наградите за првото издание на Меѓународниот конкурс за стрипови на тема „Стрипот и историјата“ што се одржуваше од март до јули 2022 година во организација на „CAN for BALKANS – Comics Alliance Networking for Balkans“.

Организаторите информираат дека во финалето при изборот влегле 27 автори од Белгија, Бугарија, Македонија, Романија, Србија, Украина и Кина, а секој од нив изработил стрип со специјална намена за натпреварот.

Големата награда ја освои Ражван Бронеску од Романија со делото „Аурел Петреску, пионерот на романската анимација“.

Добитник на првата награда е романскиот уметник Јонут Попеску за делото „Балкан засекогаш“. Коста Миловановиќ ја освои втората награда за стрипот „И тројцата пријатели се…“ инспириран од неговиот сопствен живот од почетокот на граѓанската војна (1991 година), која го фати во југословенската морнарица. Третата награда е доделена на стрипот „Ветерот“, дело на Марјан Миланов (сценарио) и Срдан Тодоровиќ (цртежи), со тема инспирирана од трагедиите на битките на српско-бугарската граница во зимата 1915 година.

Меѓународната жири комисија составена од Адријан Чиоројану (Романија), проф. Ардијан Исуфи (Албанија), Етјен Шредер (Белгија), Дражен Ковачевиќ (Србија) и Томе Трајков (Македонија), покрај уметничкиот квалитет и историската документација како  важни критериуми за оценување ги зела предвид и оригиналноста и начинот на кој се почитувала темата, особено изборот на теми со пораки за помирување, мир и градење доверба, толеранција и почит.

При изборот на победничките награди доделени се и пет специјални признанија на Аљоша Томиќ и Драган Стокиќ Рајачки од Србија за делото „Деда Рога“, Максимилиен Ван де Виле од Белгија за делото „Тузла“, Славица Купенкова од Македонија за делото „Одисеја“, Валентин Јонеску за делото „Другар Ракија“ и Влад Форсеа за делото „Балкански хумор против светот“ од Романија.

„И наградените дела и оние прифатени од жирито во финалето (вкупно 141 табли) за прв пат ќе бидат претставени на Меѓународниот историски стрип фестивал во Брашов, почнувајќи од 13 октомври 2022 година, како дел од завршната изложба на европскиот проект. Изложбата потоа ќе гостува оваа година во Тирана (ноември) и Брисел (декември) и следната година во Лесковац (февруари) и Велес (март)“, информираат организаторите.