Објавен меѓународен конкурс за изработка на стрипови на тема „Стрипот и историјата“

Сите заинтересирани автори се повикани да учествуваат на меѓународниот стрип-конкурс на тема „Стрипот и историјата“, којшто се одржува во рамките на проектот „CAN for BALKANS – Comics Alliance Networking for Balkans“, информираат од Стрип центарот на Македонија од Велес.

„Стриповите треба да ја опфаќаат горенаведената тема, со опфат на секој историски период, од праисториско време и антика до современ период. Како лица во приказната можат да се изберат познати историски ликови или анонимни лица. Стриповите може да се фокусираат на херојски чинови, како и на традиции културни, економски, спортски или општествени настани. Накусо сè што спага под историски стрип и се фокусира на балканската историја а авторите се охрабруваат да пристапат на оваа тема обидувајќи се да се фокусираат на она што го спојува балканскиот свет, а не на она што го дели“, се наведува во објавениот конкурс.

На овој повик може да се пријават уметници од било која земја во светот, при што апликантите треба да имаат најмалку 18 години.

Секој апликант може да поднесе најмногу два стрипа. Делата треба да бидат во формат А3 табла, минимална резолуција: 300 dpi за да се овозможи печатење на А2 формат. Стриповите треба да се поднесат преку наменскиот дел на веб-страницата: https://www.canforbalkans.eu/, најдоцна до 17 јули 2022 година.

Апликацијата треба да го содржи стрип делото (скенирана копија со мин. 300 dpi резолуција) и формуларот пополнет со дополнителни информации. Делата треба да бидат на англиски или на еден од јазиците на партнерите во проектот (албански, француски, македонски, романски, српски).

Доколку е селектиран на конкурсот, секој стрип автор ќе има можност да го објави трудот во онлајн платформата на проектот, да го објави трудот во проектниот каталог на англиски јазик, но и неговото дело да учествува на меѓународните изложби што ќе се организираат од октомври 2022 година до март 2023 година во Романија, Албанија, Белгија, Србија и во Република Македонија.

За најдобрите стрип дела што ќе пристигнат на конкурсот, предвидена е гран-при награда во бруто износ од 1.000 евра, прва награда во износ од 800 евра, втора награда од 500 евра и трета награда од 300 евра. На петмина стрип автори, по еден од секоја земја-партнер, ќе им бидат врачени спомен награди во вредност од 200 евра. Станува збор за уметници-учесници кои не добиле никаква од горенаведените награди, но освоиле највисок резултат меѓу уметниците од таа соодветна земја.

Проектот „CAN for BALKANS – Comics Alliance Networking for Balkans“ се одвива во периодот од 01.03.2021 до 31.03.2023 година. Истиот е финансиран преку програмата „Креативна Европа“ од Европската Извршна Агенција за образование и култура (EACEA) – Брисел, како дел од повикот Консолидација на културната соработка и конкурентноста на културните и креативните Индустрии во Западен Балкан (EACEA 39/2019).

Освен македонскиот стрип центар, партнери во овој проект се: Белгиски стрип центар Брисел-Белгија, Национален историски музеј (НХМ) Тирана-Албанија, Здружение на љубители на стрипот и пишаниот збор „Никола Митровиќ Кокан“ Лесковац-Србија, Стрип Центар на Македонија-Велес и Историски музеј на округот Брашов-Романија.