НСПВ: Министерството за одбрана го сопира плаќањето членарина на синдикатот

Од министерството за одбрана, пак, повикуваат на обединување на петте синдикати за војници и велат оти претседателот на НСПВ Алекснадар Насковски се обидува да формира нов синдикат

Фото: Министерство за одбрана

Независниот синдикат на професионални војници (НСПВ) денеска одржа прес-конференција во која изјави дека Министерството за одбрана (МО) го сопрело плаќањето на членарината на синдикатот, со што го оневозможило синдикалното делување и организирање. Според Министерството за одбрана, пак, станува збор за „недоречена ситуација која создала несигурност и сомнежи кај службениците чија одговорност е исплаќањето, кои се обратиле до двата синдиката со барање да го потврдат членството“.

Претседателот на НСПВ Александар Насковски рече дека со оваа постапка се прекршува колективниот договор на Министерството за одбрана, Законот за работни односи и конвенциите потпишани од државата со Меѓународната организација на трудот.

Доколку не се реши овој проблем, тој најави дека може да се очекуваат протести пред владата.

„Министерката за одбрана јавно изјави дека членарината е сопрена од страна на службите т.е. секторот за финансии во Министерството за одбрана, но не кажа дека токму тие намерно се ставени во заблуда со незаконските постапки на 7 лица вработени во Министерство за одбрана, кои направија фалсификат и лажно се претставуваат и за кои синдикатот поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство. Затоа апелираме до Основното јавно обвинителство – Скопје брзо да реагира и да се разгледа кривичната пријава против овие лица кои направија хаос во Министерството за одбрана“ рече Насковски.

Според него, главно барање на синдикатот е измена и дополнување на законот за служба со цел професионалните војници да имаат можност за пензионирање по принципот на некои НАТО земји, каде што професионалните војници се пензионираат и на 45 години, како и барањето за трансформирање на работниот однос на неопределено време, бидејќи како што рече, професионалните војници продолжуваат договори на определено време цели 25 години.

Министерката Славјанка Петровска, пак, повика на обединување на петте синдикати, во пресрет на потпишувањето на новиот Колективен договор.

Од Министерството за одбрана велат дека уште во мај претседателот на Мултиетничкиот синдикат за образование го информирало МО дека Насковски е разрешен од функцијата претседател на Независен синдикат на професионални војници – подружница на Мултиетничкиот синдикат за образование, а во ноември Министерството било информирано дека нов претседател на овој синдикат е Зоран Павловски.

„Во меѓувреме со допис сме информирани дека Александар Насковски формира нов синдикат МЕС и во рамките на тој, нова подружница со исто име како и претходниот синдикат и пријавува нова жиро-сметка за истоимена синдикална организација како нов правен субјект. Ваквата недоречена ситуација создала несигурност и сомнежи кај службениците чија одговорност е исплаќањето кои се обратиле до двата синдиката со барање да го потврдат членството. По ова, претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, подружница на МЕСО, Зоран Павловски доставува список на членови и потврдува дека тие и понатаму се членови на тој синдикат, додека Александар Насковски сè уште нема доставено потврден список на членството“,  соопштуваат од Министерството.