Новинарскиот гигант Аксел Спрингер склучи договор со OpenAI за авторски права

Ова е прв договор од ваков вид кој ќе испорачува резимеа на содржините од Аксел Спрингер како одговор на прашањата на ChatGPT. Корисниците, кога ќе постават прашање во ChatGPT, четботот ќе доставува резимеа на релевантни вести од брендовите на Спрингер, вклучувајќи ги американските Политико и Бизнис Инсајдер, како и германските Билд и Велт

Photo by Jonathan Kemper on Unsplash

Глобалниот издавач на вести Аксел Спрингер почнува соработка со OpenAI, компанијата која стои зад четботот ChatGPT. Ова е прв договор од ваков вид кој ќе испорачува резимеа на содржините од Аксел Спрингер како одговор на прашањата на ChatGPT, објави Ројтерс.

Како дел од договорот стои дека кога корисниците ќе постават прашање во ChatGPT, четботот ќе доставува резимеа на релевантни вести од брендовите на Спрингер, вклучувајќи ги американските Политико и Бизнис Инсајдер, како и германските Билд и Велт. Тие резимеа ќе вклучуваат материјали од стории за кои инаку би биле потребни претплати за читање. Прегледите ќе ја наведат публикацијата на Аксел Спрингер како извор, а исто така ќе обезбедат линк до целата статија која е предмет на резиме.

Прегледите ќе бидат достапни на ChatGPT веднаш штом ќе биде објавен написот, така што ударните вести ќе бидат дел од корисничкото искуство, изјави Том Рубин, шеф за интелектуална сопственост и содржина на OpenAI.

Тој додаде дека содржините од овие медиуми ќе почнат да се појавуваат во првиот квартал на 2024 година. Содржината ќе добие „поволна позиција“ при пребарувањето на ChatGPT, со цел да се привлече сообраќај и приходи од претплати на брендовите на Аксел Спрингер, изјавува извор запознаен со договорот.

Компаниите не ги откриваат финансиските услови на договорот, кој е повеќегодишен и не е ексклузивен.

„Сакаме да ги истражиме можностите на новинарството со вештачка интелигенција – да го донесеме квалитетот, општествената релевантност и бизнис моделот на новинарството на следно ниво“, изјавува главниот извршен директор на Аксел Спрингер, Матијас Доепфнер.

Овој договор доаѓа во време кога издавачите размислуваат да тужат технолошки компании за кршење на нивните авторски права користејќи, без дозвола, нивни содржини за да се обучуваат модели изработени со помош на вештачка интелигенција. Тие се закануваат и со судски спорови поради можноста за прекршување на авторските права и бараат да им се надомести за нивната содржината што се користи за овие цели.

Компаниите за вештачка интелигенција, од своја страна, според Ројтерс, имаат корист од обуката на нивните модели за точни и навремени информации, правејќи ја содржината на вестите пожелен извор на податоци.

Договорот на Аксел Спрингер е втор меѓу OpenAI и издавач на вести. Во јули OpenAI склучи договор со Асошиејтед Прес (Associated Press), со кој се лиценцира дел од текстуалната архива на АП за обука, но договорот не вклучува употреба на медиумска содржина во ChatGPT.