fbpx

Нови собири – старо-нови пораки кон Балканот

Призната грешката за долгото чекање пред вратите на ЕУ, но изостанува решението како да се поправи

-

Почетокот на јуни го одбележаа два собири релевантни за проширувањето – првиот беше Глобсек вo Словачка, а вториот – Самитот на Европската политичка заедница во Молдавија. Се осврнуваме на конференцијата Глобсек 2023 во Братислава, на која можеа да се слушнат интересни погледи за проширувањето, иако тоа не беше централна точка на интерес – главниот аспект беше безбедносниот.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Од Братислава можат да се издвојат три настапи во врска со проширувањето – на претседателката на Европската комисија фон дер Лајен, на францускиот претседател Макрон и на австрискиот министер за надворешни работи Шаленберг.

Она што им е заедничко е дека ја признаваат грешката – го оставиле Западниот Балкан предолго да чека пред вратите на Унијата.

Претседателката на Комисијата фон дер Лајен зборуваше за нов „план за раст“ од четири точки за Западниот Балкан. Не спомна дали и кога ќе претстави таков план во институциите на ЕУ. Не е јасно во што тој ќе се разликува од веќе громогласно промовираниот, важечки Економски и инвестициски план за Западниот Балкан од 2020 година. Да ги разгледаме четирите точки:

Првата е: приближување на Западниот Балкан до Единствениот европски пазар. Внимателно се говори за „приближување“, не за интеграција. Потоа се споменуваат пристап до одделни сектори на заедничкиот пазар, како што се делови од Дигиталниот единствен пазар – областите на е-трговија и е-безбедност. Се зборува за „олеснување“ на трговијата во стоки и плаќања. Ваквиот пристап се однесува на оние кои веќе се со „ветувачка патека“ во пристапувањето во ЕУ. Прашањето е: дали воопшто се нуди нешто ново од она што веќе можеше да се реализира и според сегашните аранжмани на државите од регионот со Унијата – билатералните спогодбите за стабилизација и асоцијација и секторските регионални спогодби? Конкретно, интеграцијата на Западниот Балкан во пан-Европскиот дигитален пазар е една од целите на Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар, која треба да се реализира до крајот на 2024 година. Според досега кажаното – ништо ново.

Втората точка е заедничкиот регионален пазар, за кој се тврди дека е клучен за да се развие економскиот потенцијал на регионот. Најпрвин, релевантни економски истражувања покажуваат дека регионалниот пазар има ограничен потенцијал, дека клучнa е интеграцијата во Европскиот единствен пазар. Од друга страна, поставувањето на регионалното поврзување како услов за влез на европскиот пазар (и тоа постепено, секторски) досега не се покажа како доволен поттик за регионална интеграција. Така, ни ова не е ново.

Третата точка е: давањето придобивки од членство пред членството во ЕУ. Ова е во контекст на дискусијата што веќе подолго време се води за забрзана/фазна/постепена интеграција во ЕУ. Методологијата за проширување дава можност за „забрзана интеграција“, но за неа немаме конкретни практични примери ни по три години (освен оние што можеа да се реализираат и без неа – како, на пр. пристапот до програмите и агенциите на Унијата). Потоа во ЕУ минатата година проциркулираа чешки нон-пејпер за „забрзана/постепена/фазна интеграција во ЕУ“ и австриски: „Проширувањето на ЕУ  и соседска политика надвор од постојните шаблони“, со кои се поттикна (внатрешната) дискусија во ЕУ. Според иницијално невладиниот предлог за „фазното пристапување“ , придобивките од членството би се добивале зависно од постигнувањата, во структуиран процес.

Четврто, најавата за „зголемено претпристапно финансирање“. Во Методологијата за проширување е дадена можноста за зголемени претпристапни средства, зависно од резултатите  на реформите и обратно – нивно намалување во случај на застој односно назадување. Меѓутоа, доколку се говори за зголемување на вкупните средства за ИПА, тоа би било нешто ново. Прашањето е: колку, кога и како? Дали во новиот седумгодишен буџет на Унијата (Финансиска перспектива) за периодот 2028-2034 година или веќе со среднорочниот преглед на постојниот седумгодишен буџет?

Секако, пристапот до придобивките од членството се условува со исполнување на условите за членство, нагласени особено во три области: судството, јавните набавки и борбата против корупцијата.

Очекувано поопшт пристап имаше францускиот претседател Макрон. Тој во нијанси ја смени реториката за проширувањето, признавајќи дека тоа треба да се случи брзо, од геополитички причини, и дека постојниот метод на проширување не функционира. Меѓутоа, ставот останува ист – нема проширување на ЕУ без реформи на ЕУ, зашто тоа би било „катастрофа“. Самите реформи во  ЕУ неминовно значат одолговлекување на процесот на проширување, поради сложеноста на процесот и диверзитетот на државите членки. Тој инсистира на „нови механизми, цели и формати“ во реформирањето на Унијата и „начини на соработка по области“ како начин ЕУ да се справи ЕУ со кандидатите, што неминовно асоцира на алтернативи  за членство.

Директно спротивен став на Мaкрон искажа австрискиот министер за надворешни работи Шаленберг – дека во проширувањето со Западниот Балкан треба да се дејствува веднаш и не треба да се чека на реформи на ЕУ.

Очигледно различните, па и спротивни ставови во Унијата за проширувањето ја потврдуваат актуелноста на проблемот, но поправка на признатата грешка сѐ уште нема на повидок.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...