„Костал Македонија“ ќе инвестира нови 50 милиони евра во изградба на фабрика за производство на полначи за електрични и хибридни возила во периодот од јули 2023 до декември 2026 година. Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи денеска имаа средба со претставници на менаџментот на КОСТАЛ Групацијата.
На средбата беше најавена новата, трета по ред, инвестиција на германската компанија за изработка на делови и компоненти за автомобилската индустрија „Костал“, која во земјава годинава одбележува седумгодишно постоење.
Заедно со претходните две фази, вкупните реализирани инвестиции на компанијата во Македонија ќе достигнат 150 милиони евра. Бројот на нови работни места кои ќе бидат дополнително креирани за овој инвестициски циклус ќе биде над 300 лица.
Премиерот Ковачевски ја поздрави новата инвестиција на „Костал Македонија“, потенцирајќи дека проширувањето на инвестицијата на оваа, како и на другите компании основани од странски инвеститори во земјава, е показател за добрите политики на Владата за создавање поволен и предвидлив амбиент за инвестирање.
Директорот на „КОСТАЛ Македонија“, Виктор Мизо информираше дека досега компанијата има вложено над 100 милиони евра во фабриката во Охрид, а планот е да се започне со производство со воведување на најновите SAC (Smart Actuator Charging) технологии и системи за полнење од групацијата Фолксваген, истите ќе бидат вградени во најновите модели на Фолксваген, Шкода, Сеат, Ауди и Порше. Системите за полнење на овие светски брендови за сите хибридни и електрични возила ќе бидат произведувани во Република Северна Македонија.
„КОСТАЛ Македонија“ ќе стане единствена глобална локација каде ќе се произведуваат овие системи за енергетска електроника, без разлика на тоа каде крајно се склопуваат автомобилите.
На средбата, директорот Мизо ја нагласи важноста на државната помош која „КОСТАЛ Македонија“ ја користи од првиот ден на своето постоење, и до сега има добиено финансиска помош во износ од 12,5 милиони евра, а во моментов во компанијата работат 1.020 вработени со просечна плата далеку над просекот во државата.
Дополнително „КОСТАЛ Македонија“ инвестира и во производство на најновите кровни модули кои ја користат последната SkinTec технологија која се користи за најексклузивните модели на Daimler како што се: Mercedes EQS, EQE, C + S CLASS, AMG SL.