Новата година ќе почне со помалку автобуси во јавниот превоз во Скопје

Фото: Архива на „Мета.мк“

Поради новогодишното празнување и поради зимскиот распуст за учениците, јавниот автобуски превоз во Скопје ќе биде редуциран од полноќ до 20 јануари, соопшти Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ – ЈСП.

Измените ќе ги опфатат и автобусите на градското превозно претпријатие и на приватните превозници.

Поради Нова Година, утре, првиот ден на 2022 година, автобусите ќе почнат да сообраќаат најрано во 7.05 часот на линијата 2, а некои линии ќе стартуваат подоцна. Потоа автобусите во текот на утрешниот ден ќе сообраќаат по неделен возен ред. В недела, стандардно, автобусите ќе сообраќаат по неделниот возен ред.

Исто така, поради почетокот на зимскиот распуст, од понеделник автобусите ќе сообраќаат по редуциран делничен зимен ред во делничните денови, а по редуциран викенд распоред во викендите.

Распоредите може да се видат на веб-страницата на ЈСП.

Поради распустот, до 20 јануари 2022 година нема да може да се користат годишните средношколски билети за бесплатен јавен превоз.

Жичницата на Водно, пак, утре, 1 јануари 2022, ќе работи од 11 до 17 часот, а в недела, 2 јануари, ќе работи вообичаено, од 10 до 17 часот.

В понеделник (3.01.2022 год), жичницата нема да работи, бидејќи секој понеделник, како и секој последен вторник во месецот се врши редовен преглед на објектот.