Нова студија открива кои работни позиции може да бидат заменети од чет-ботови

Според истражувањето, новата технологија ќе влијае на сите нивоа на плати, при што работните места со повисоки плати најверојатно ќе се соочат со поголем ризик да бидат заменети од вештачка интелигенција.

Фото: Emiliano Vittoriosi на Unsplash

Кај речиси 80 отсто од работната сила во САД, најмалку 10 отсто од работните задачи би можеле да бидат засегнати од вештачката интелигенција, открива нова студија. Кај 19 отсто од работниците, пак, околу половина од нивните задачи може да бидат погодени од воведувањето на алатки за вештачка интелигенција како ChatGPT.

Истражувањето е спроведено од страна на компанијата „Опен АИ“, која стои зад популарниот ChatGPT, во соработка со американскиот Универзитет во Пенсилванија и истото го разгледува влијанието на големите јазични модели, односно чет-ботовите врз пазарот на труд.

Според студијата, новата технологија ќе влијае на сите нивоа на плати, при што работните места со повисоки плати најверојатно ќе се соочат со поголем ризик да бидат заменети од вештачка интелигенција.

Лицата со завршени додипломски или магистерски студии и професионални дипломи се повеќе изложени на ризик да ги загубат своите работни места отколку оние без формални образовни признанија.

Најзагрозени професии се математичарите, даночниците, финансиските аналитичари, писателите, веб-дизајнерите, судските известувачи и копирајтерите. Во групата работни места што може да се автоматизираат се и сметководителите и ревизорите, аналитичарите на вести, новинарите и административните асистенти.

Студијата забележува дека ChatGPT претставува само мал дел од она што можат да го направат јазичните модели. Анализата сугерира дека, во сегашната форма, кај 3 отсто од работниците во САД, половина од работните задачи веќе се изложени на ризик поради ChatGPT.

Технологијата може да предизвика значајни економски, социјални и политички импликации, велат истражувачите.

Од друга страна, професии што се „безбедни“ и за кои засега не постои можност вештачката интелигенција да ги замени се автомеханичарите, готвачите, бармените, спортистите, столарите, водоводџиите, рударите и други.

Неодамна, извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, во интервју за Еј-би-си Њуз изјави дека е „малку исплашен“ од изумот на неговата компанија.