fbpx

Нова демократија бара брифинг од Коѕиас за ситуацијата во Македонија и за разговорите со Попоски

-

Итно свикување на грчкиот Национален совет за надворешна политика за да се дискутираат последиците од инцидентите во Куманово и случувањата во Македонија, случувањата во Кипар како и грчкиот однос кон ЕУ бараат пратениците на Нова демократија, Јоргос Кумуцакос и Костас Тасулас. Кумуцакос и Тасулас инсистираат грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас, итно да закаже состанок и да ги информира околу грчкиот пристап кон новите инциденти и изјави поврзани со Балканот, но и насоката во која Грција се движи во однос на ЕУ и на НАТО.

Десничарските пратеници изразуваат загриженост за насоката во која ја води Грција новата надворешна политика на владата на СИРИЗА и на Независни Грци, коментирајќи дека не сакаат да видат Грција да застрани од европскиот пат и прозападната ориентација. Кумуцакос ги информираше новинарите за нивното барање, истакнувајќи дека Грција не само што е во лоша позиција внатрешно, туку и не се движи во добра насока ниту на надворешен план бидејќи полека се руши нејзината меѓународна позиција со изјавите и со однесувањето на министрите за надворешна политика и за одбрана.

Тасулас и Кумуцакос бараат детална информација и дискусија за крвавите инциденти во Куманово, како и за минатонеделната средба на Коѕиас со македонскиот министер Никола Попоски, но и разговор за изјавите на Еди Рама за „Голема Албанија“, како и за случувањата со кипарското прашање и со Турција. Двајцата пратеници велат дека инсистирањето и брзањето на грчката влада да се потпишат мерките за градење доверба со Македонија, во Нова демократија покренува бројни прашалници за тоа какви сè отстапки ќе направи грчката влада за да покаже добра волја кон нашата земја.

Европратеникот на Нова демократија, Јоргос Кирцос, во анализа на ситуацијата на Македонија, покажува загриженост дека актуелната дестабилизација и политичка криза може да се искористи од меѓународната јавност за нов притисок врз Грција за решавање на спорот за името во корист на македонските позиции, како и да се искористи како начин да напредне нашата интеграција во ЕУ и во НАТО.

Според поранешниот новинар Кирцос, голем број функционери во ЕУ и во НАТО слободно ја именуваат нашата држава со „Македонија“, без да ја користат референцата БЈРМ и ги поддржуваат ставовите дека спорот за името претставува дестабилизирачки фактор во Македонија и ја отежнува работата на владата на Никола Груевски за успешно справување со економијата и со политичката криза во државата.

– Сметаат дека спорот за името треба да се надмине и тоа со усвојување на позициите на Груевски за Македонија, против позициите на Грција која бара компромисно решение кое ќе биде олеснително за соседната држава без да создава проблем со историскиот и со националниот идентитет за нас – вели Кирцос.

Неговата оценка е дека меѓународната заедница смета дека грчката влада во моментов е премногу слаба за да може да води ефективна и силна надворешна политика и тоа би можело да се искористи за да се затворат отворени дипломатски прашања. Она што се смета како дополнителна слабост на грчката влада е дека политиката на Ципрас се движи надвор од рамките на ЕУ и на НАТО, со што се губат силните сојузници во овие институции. Кирцос апелира дека е неопходно Грција да спреми силен дипломатски напад за сите што ќе се обидат да извршат притисок и да побараат Грција да се откаже од националните интереси за да се помогне за стабилизирање на ситуацијата во Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Oколу 600 матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ викендов полагаа пробна државна матура. Тие пишуваа есеј кој е задолжителен дел од испитот по мајчин јазик, а импровизираното полагање...