Нов пад на УКИМ на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот

Економски факултет УКИМ
Економски факултет, УКИМ / фото: Мета.мк

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се најде на 1.964-то место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за академската 2022/23 година, што секоја година ја издава Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).

УКИМ забележа пад од дваесет места во однос на минатата година, кога се најде на 1.944-то место и пад од 47 места во споредба со годината пред тоа (1.917-то место). За само три години, УКИМ паднал за 148 места на оваа светска ранг листа.

Сепак, УКИМ и годинава е единствениот македонски универзитет кој се најде на листата на CWUR. Според академските перформанси биле рангирани вкупно 19.788 високообразовни институции во целиот свет, од кои издвоени се најдобрите 2.000.

Од земјите од соседството, Србија и годинава на листата има 4 претставници, меѓу кои највисоко рангиран е Белградскиот универзитет кој се најде на 348-то место, исто како и минатата година. Од Бугарија се рангирани два универзитета, од Грција 12. На листата и годинава не се најде ниту една високообразовна установа од Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Трите најдобро рангирани универзитети во светот според листата на CWUR се универзитетите Харвард, МИТ и Стенфорд, сите од САД.

Инаку, оваа листа пред еден месец во македонската јавност беше лажно претставена како Шангајска листа. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција го коментираше падот на најголемиот македонски универзитет на листата на CWUR, притоа тврдејќи дека станува збор за Шангајската листа. Дезинформацијата, без да се провери вистинитоста на изјавата, тогаш ја пренесоа бројни домашни медиуми.

УКИМ го нема на Шангајската листа, јавноста се дезинформира со стара вест