fbpx

Ниту „Република“, ни „Северна“ во заклетвата на новата претседателка

Уште од пред почетокот на мандатот на првата жена претседателка на државата, Гордана Сиљановска Давкова, имаше невистинита изјава, што е спротивно на правилната употреба на името според Уставот и член 123 од изборниот законик

-

Уште од пред почетокот на мандатот на првата жена претседателка на државата, Гордана Сиљановска Давкова, имаше невистинита изјава. Во заклетвата пред парламентот Сиљановска Давкова одби да ги каже како придавката „северна“, така и именката „република“ — целосното уставно име на државата. Со тоа оди спротивно на правилната употреба на името според Уставот и член 123 од изборниот законик. А, овој чин изнуди остри критики и од политичарите од соседните држави, но и од меѓународната заедница, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Новоизбраната претседателка на Републиката, Гордана Сиљановска Давкова, вчера во Парламентот даде заклетва за свечено прифаќање на претседателската функција:

Изјавувам дека функцијата Претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија

[Извор: Сител Телевизија — датум: 12.05.2024]

Образложение:

Гледајќи изјавата со која новата претседателка се заколна за начинот на вршењето на својата нова функција, таа бездруго треба да се оцени како невиситнита. Искажаните зборови не соодветствуваат со законски предвидениот текст на заклевата на претседателката на РС Македонија.

За почеток, не може да се каже дека овој потег на претседателката беше неочекуван, бидејќи ова беше една од предизборните ветувања во нејзината платформа „Македонија повторно горда“. Поточно, во поглавјето „Уставот, меѓународното право и Преспанскиот договор“ пишува:

Почитувајќи ја јасно изразената волја на македонските граѓани од септември 1991 година, како и од септември 2018 година, но и како граѓанин, во обраќањата до јавноста нема да ја користам придавката „северна

Без разлика на тоа, Преспанскиот договор е дел од Уставот на државата. Поточно, на 19 јануари 2019, собранието го прогласи Уставниот закон за спроведување на амандманите каде се јасно пропишани правилата за како треба да користи уставното име. Член 2 на овој закон гласи:

Од денот на влегувањето во сила на Амандманот XXXIII, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на други употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија

Конкретно, Амандманот XXXIII гласи:

Во Уставот зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите: „Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија.

Дополнително, со тоа што не ја кажа ниту придавката „северна“, ни именката „република“, исто така е непрописно според изборниот законик, објавен на Државната изборна комисија, поточно членот 123, каде:

Пред преземањето на должноста, најдоцна во рок од десет дена од денот на објавувањето на конечните резултати, но не порано од денот на престанок на мандатот на претходниот претседател, претседателот на Републиката дава и потпишува свечена изјава пред Собранието, која гласи:

„Изјавувам дека функцијата претседател на Република [Северна] Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република [Северна] Македонија.”

Со изборот да не го искористи уставното име на државата, нужно се повлекува прашањето кому или на што дадала заклетва Сиљановска Давкова. Држава само со името „Македонија“ не постои, а имајќи ги предвид импликациите дека овој потег ќе ги налути нашите јужни соседи, сигурно не ја дала заклетвата за регионот Македонија во соседна Грција. По потпишувањето и ратификација на Преспанскиот договор уставно прифатеното и меѓународно признаеното име на нацијата е „Република Северна Македонија“.

Од реакциите на странските политичари, можеби најостра беше на грчката амбасадорка Софија Филипиду, која во знак на протест ја напушти собраниската галерија за време на самата инагурација. Набрзо се огласи и грчкото МНР:

Овој чин е флагрантно кршење на Договорот од Преспа и Уставот на нашата соседна земја, кој е усогласен со меѓународните обврски на Северна Македонија, пренесуваат од Телма.

Со слична насока, грчкиот премиер Мицотакис ја нарече оваа одлука провокативна, посочувајќи дека „нарекувањето на својата земја со друго име е незаконски и недозволив чин.“ Одлуката ја следеа и од Софија, каде претседателот Румен Радевв.д. премиерот Димитар Главчев,  како и на лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, на еден и друг начин, сите порачаа дека треба се почитуваат договорите и да се стивнат страстите.

 

Од меѓународната сцена, покрај претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен, реакции имаат и Шарл Мишел кој изјави дека „е многу разочарувачки што новата претседателка не го употребила уставното име на државата“.

Заклучно, заради тоа што овој чин на новиот шеф на државата не течеше ниту според домашните закони ниту според Уставот, изјавата на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова со која таа ја положи заклетвата за вршењето на претседателската функција, ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ВМРО-ДПМНЕ повторно ја враќа оградата од ковано железо околу Владата

Меѓу многуте одлуки од денешната, втора седница на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, донесена е и одлука за враќање на оградата околу владината зграда, која беше отстранета пред пет...