Просечната производна цена на пченицата годинава е 9,14 денари, а се очекува просечен принос од 3.500 килограми од хектар, соопшти денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски на прес-конференција.

Николовски ги повика мелничарите да ја земат предвид оваа цена добиена согласно анализите на производните трошоци на 300 земјоделски стопанства и врз основа на неа, да ја формираат откупната цена.

– Секој регистриран откупувач на пченица што ќе купи домашно лебно жито до 15 септември 2018 година и ќе го исплати до 15 декември, ќе добие субвенција од еден денар за килограм откупена пченица – рече Николовски и додаде дека за оваа мерка може да бидат одвоени и до еден милион евра.

Тој најави нови четири мерки за поддршка на полјоделството, особено на производството на пченица, со кои, како што нагласи, во секторот ќе влезат дополнителни четири милиони евра.

Министерот очекува новите мерки за поддршка да бидат усвоени на следната владина седница, во вторник.