„Nightscape“ – амбиентално џез патешествие на Глигор Кондовски и Владан Дробицки

Фотографија преземена од профил страница за изданието објавена на Bandcamp.

Тетовскиот уметник Глигор Кондовски и џез инструменталистот и музичкиот продуцент Владан Дробицки го претставија својот нов албум „Nightscape“. Албумот е издаден на 24 октомври, а како издавач се јавува PMG JAZZ.

„Nightscape“ е составен од пет инструментални композиции што може да се вбројат во амбиентална џез музика. Имињата на композициите се: „A First moment“, „Attain“, „Inviolable“, „Night walk“ и „Starlight“. Освен како изведувач, Глигор Кондовски се јавува и како автор на музиката и аранжманот, тонски снимател и инженер одговор за аудиомиксот. Тој е и графичкиот дизајнер на омотот за изданието. Музичка поддршка на ова издание е џез-музичарот и тромбонист Владан Дробицки.

Синглот „Starlight“ објавен една недела пред објавата на албумот „Nightscape“ го најави и објавувањето на албумот.

Покрај музиката, Кондовски е мултимедијален уметник кој се занимава и со филм и фотографија. Останати изданија на Кондовски се: „Crumbly Secret“, 2009; „Flown letters“, 2012; „Around the bend“, 2019; „Here“, 2020; „Beseda“, 2020 и „Hover“, 2021.

Владан Дробицки е човекот одговорен за издавачкиот бренд ПМГ ЏЕЗ (PMG JAZZ) што е своевидна гранка на „чадорот“ со префикс ПМГ (PMG) – Прогресивна мултимедијална група, посветена на домашни џез музички изданија.

Дробицки учествува на различен начин во преку 60 изданија за различни бендови и музички групи. Меѓутоа, негов матичен бенд е Сетстат (Sethstat).