Непроверени наводи за смртта на косовски Србин во Либија и фотографијата на Тибор Церна во косовските медиуми

Јужно од Триполи било пронајдено тело на еден платеник, пренесува Анадолија, повикувајќи се на официјални извори од Либија. Неколку водечки косовски медиуми, меѓу кои и јавниот сервис, потпирајќи се на непроверени информации од Твитер пренесоа дека се работи за Србин од Косово, кој учествувал и во судирите во 1999 година, а објавија и фотографија на која е припадникот на Војската на Југославија, Тибор Церна, кој загинал во текот на битката на Кошаре.

Оваа вест на Косово изворно ја објавила новинската агенција Kosovapress, повикувајќи се на информации од неименувани турски, руски и арапски медиуми, а потоа била пренесена и од страна на косовскиот јавен сервис RTK и од порталот на овој сервис на српски јазик RTK2, Telegrafi, Indeksonline, како и Lajmpres.

„Како што наведува натаму KosovaPres, подоцна од социјалните мрежи во овие земји се дознава дека се работи за Алекса Ѓуриќ, косовски Србин кој учествувал и во окупаторската војна на Косово во текот на 1998-1999 година“, наведува RTK2.

Како кредибилни извори за горенаведените тврдења биле земени објавите на некои Твитер-корисници.

„Фотографиите на социјалните мрежи јасно потврдуваат дека убиениот српски платеник во Либија е истиот од сликите од времето кога служел воен рок во поранешна Југославија и од оние од војната на Косово“, изјавил „експертот за безбедност“ Агим Муслиу, пренесува RTK2.

Покрај непроверените информации од Твитер и изјавата на „експертот за безбедност“, овие медиуми објавија и фотографија на припадникот на Војската на Југославија, Тибор Церна, кој загинал уште во 1999 година.

„Експертот за безбедност“, Агим Муслиу, неодамна звонењето на ѕвоната на православната црква во Приштина ги оценил како “примитивна руска метода и провокативен тренд“. Повеќе за ова читајте од: Дезинформација е дека српската црква во Приштина со руски метод се бори против Ковид 19.

Освен тоа, беше објавена и фотографија на лице наводно убиено во Либија, заедно со фотографиите на лицето означено како Алекса Ѓуриќ. Наводите и фотографиите кои се објавени во овие медиуми, на ниту еден начин не можат да се сметаат како доказ за тврдењата изнесени во текстот.

На Твитер, исто така, можеа да се најдат и други бројни објави во кои се наведува дека станува збор за дезинформации, дека е во прашање шега, дека Алекса е жив и здрав и се наоѓа во Канада, а дека медиумите не си ги провериле своите извори пред да ја објават веста.

Редакцијата на Crnobelisvet.com се обидела да стапи во контакт со личноста која има профил на социјалните мрежи под името Алекс Ѓуриќ и чиишто фотографии соодветствуваат на оние споделувани на Твитер, но, до објавувањето на овој текст, не добивме никаков одговор.

Дали „Алекса Ѓуриќ“ всушност се наоѓа жив и здрав во Канада или пак бил убиен во Либија, во овој момент не може со сигурност да се каже, посебно не на основа на објавените фотографии. Исто така, нема официјални потврди за идентитетот на лицето кое било убиено во Либија.

(Crno-beli svet)