fbpx

Дезинформација е дека српска црква во Приштина со руски метод се бори против Ковид 19

-

Од српската црква Свети Никола во Приштина веќе неколку дена се слуша гласно биење на камбаната заради „борба против корона вирусот“. Соседите се вознемирени, а безбедносниот експерт Агим Муслиу објасни дека не само што се работи за „примитивен руски модел“ туку и за “провокативен тренд“ – оваа вест денес ја пренесоа бројни косовски медиуми – почнувајќи од јавниот сервис РТК, новинската агенција Косовапрес, па се до порталите Газета Експрес, Телеграфи, Бота сот, Косоварја.

„Звукот на камбаната, еднакво како и молитвата на муезинот од минарето пет пати на ден, пред сè има за цел да поттикне на молитва. Со тоа ние ја покажуваме нашата солидарност која нашата Црква ја чувствува кон сите граѓани на Косово без разлика на верата и на јазикот, бидејќи сите подеднакво сме загрозени од пандемијата. Во време на ѕвонењето на ѕвоното ние се молиме за сите болни низ целиот свет, за оние кои се грижат за нив во болниците и ја принесуваме молитвата кон Бога епидемијата да престане и животот да се врати во нормални рамки“ соопштија од Епархијата Рашко-призренска за Си-би-ес, на тој начин оспорувајќи ги наводите во текстот.

Во текстовите на косовските медиуми се наведува дека „порано немало никакви реакции на ритуалните манифестации кои се случувале во црквата, но дека сега толку често ѕвонат што тоа веќе претставува проблем за локалното население од населбата Таслиџе“, и притоа се повикува на неименуван локален жител.

„Безбедносниот експерт“ Агим Муслиу, оценил дека тоа „ не е само примитивен руски метод туку и провокативен тренд“.

-Сведоци сме на намерното ширење на пропаганда од Москва поврзана со хуманитарната катастрофа предизвикана од вирусот. Русите не ги штедат дури ниту своите православни верници само за да превземаат акции кои ним им одговараат. Од друга страна, пак, јасно е дека лица од српската тајна служба циркулираат низ сите цркви, па и низ оваа. Следствено на ова, таму каде што е српската тајна служба, таму, исто така е и руската тајна служба. Така да слободно можеме да заклучиме дека ова е последица на хаосот од Москва. Во светот се знае дека секаде каде што има православни цркви, има и по еден нивни агент – рече тој.

Во текстот се цитира и неименуван извор, кој вели дека, според објаснувањето на свештениците, „тоа се прави во име на борбата против корона вирусот“. Исто така, се наведува дека црква во Јагодина ја применила таа форма на „лекување“ на заразата со пладневно огласување на камбаните“.

„На сајтот на Српската православна црква никаде не можат да се најдат докази дека ова претставува званична форма на лекување на корона вирусот“, се заклучува во овој текст.

Авторите на овој текст, меѓутоа, не ја контактирале Епархијата Рашко-призренска за да добијат прецизни одговори за причините како и за начинот на огласувањето на црковните ѕвона во православните цркви на Косово.

Од Епархијата Рашко-призренска за Си Би Ес наведуваат дека се „изненадени и разочарани“ од овој текст, истакнувајќи дека „тој длабоко ги надминува најпристојните граници на професионалното новинарство и претставува пример на таргетирање на Српската Православна Црква на Косово и Метохија“.

Оттаму потсетуваат дека „ѕвоната не се појавиле во Русија туку во Италија, во Кампања, во 5-тиот век и дека со векови се користат не само за огласување на редовните служби, туку и во моментите на големи страдања, несреќи и други трагедии, како во православиот така и во римокатоличкиот и во протестантскиот свет“.

Истата пракса е воведена и во западните христијански, пред сè римокатолички средини ширум светот, од Америка, Канада, Франција, до Австралија и Филипини“, објаснуваат од епархијата.

Како што е објаснето од епархијата, силината на ѕвонењето на ѕвоната, како и повикувањето на молитва од минарињата, во децибели, е регулирано со косовското закоодавство.

„Секој добронамерен читател самиот може да заклучи дека христијанските ѕвона не создаваат поголем звучен ефект од молитвите на десетиците џамии во поголемите градови. Ѕвоната се дел од цивилизацијата на европскиот континент и многу е лошо од Косово да доаѓа глас дека тие некому пречат“, се наведува во одговорот.

Беше истакнато дека Епископот Теодосие донел одлука црквата Свети Никола во Приштина да запре со зачестеното ѕвонење „и покрај тоа што парохот на приштинската црква, отецот Саша Митровиќ тврди дека никој од околните соседи не му се пожалил, а некои дури му изразиле поддршка“.

Епархијата изразила очекување дека, во време на хуманитарна катастрофа која му се случува на светот, нема повеќе да има вакви написи, а ниту „коментари на неинформирани и недобронамерни „експерти“, туку дека ова најново страдање сите ќе нè поттикне на солидарност, меѓусебно разбирање и надминување на сите политички и меѓунационални разлики на кои не им е место во време кога имаме толку заболени, посебно стари лица“.

„Во тешкотиите секогаш треба да бидеме заедно и да покажеме еден, пред сè, дух на соседство и толеранција бидејќи живееме на простор каде со векови имало различни верски традиции“, порачуваат од Епархијата Рашко-призренска.

Епархијата наведува дека црковните ѕвона се потсетник за молитва на верниците и дека, за времетраење на пандемијата, тие ќе се огласуваат „во сите парохиски и манастирски храмови во периодот помеѓу 8 и 20 часот, во временски интервали од два часа и во траење од 5 минути, сè до крајот на епидемијата“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...