fbpx

Нема термини за мамографија, Mинистерството ветува промени од септември

Моментално, во половина градови во земјава нема достапни термини за мамографија во наредните 3 месеца, според системот Мој Термин. Мамографија и ехо на дојка на приватните клиники, пак, чинат од 100 евра па нагоре

-

Раната дијагностика значи успешно лекување за многу болести. Барем така апелираат сите доктори, препорачувајќи да се прават редовни годишни прегледи, особено кога станува збор за оние за кои има голема веројатност да се излечат, доколку рано се дијагностираат, како што е ракот на дојка.

Сепак, за огромен број жени невозможно е да се стигне до термин за мамографија или ехо, особено во државното здравство. Со порастот на дијагнози од оваа болест, недостигот на термини за мамографија станува критична пречка во битката за живот и за здравје.

Целта на мамографијата е да се открие ракот во најран можен стадиум за поефикасно лекување. Но, како да се излечи болест ако не може да се добие термин за нејзино откривање?

Моментално, апарати за мамографија се достапни во 18 градови во државните здравствени установи. Во Скопје, ваквата апаратура ја има на четири клиники, а во останатите градови ја има само во по една државна болница.

За еден пациент да дојде до термин за преглед, треба прво да се упати кај матичниот лекар, на кој му се зададени одредени термини за месецот. Оттаму, матичниот лекар преку „Мој термин“ на пациентот му закажува преглед во достапните термини. Иако ова навидум изгледа како функционален систем, лекарите и пациентите се жалат од недостапноста на прегледи.

Првата пречка е токму закажувањето преку матичен лекар бидејќи на ординациите им се даваат ограничен број термини за месецот. Побарувачката за прегледи е преголема, исто како и недостапност на термини, па и апаратури.

Доктрот по општа медицина Ѓуро Кленкоски за Мета.мк вели дека термин добива тој што прв ќе успее да закаже.

„Нема термини колку што има потреба” кажува тој.

Друг проблем на кои наидуваат лекарите е непостоечката опција за итно вметнување на пациент во распоредот. Доколку има причина за грижа кај пациент и опасност од дијагностицирање на канцер, речиси и да не е возможно да се добие итен преглед.

Докторот по општа медиција Бојан Трајковски за Мета.мк коментира дека се испраќаат пациентки до други градови за мамографија и потврдува дека шансите да се вметне пациент на кој му е итен преглед во распоредот се исклучително мали.

На приватните клиники пакет од ехо и мамографија чинат од 100 евра па нагоре

Во неможност да дојдат до термин, голем број пациентки се упатуваат во приватните клиники за мамографија и за ехо, каде што цените се превисоки за стандардот на обичните граѓани. Па така, во болницата „Систина“, пакет од мамографија и ехо чини 8.000 денари, а одделно се по 5.000 денари.

Болницата „Ремедика“ наплаќа 3.800 денари за мамографија, 3.700 денари за ехо, а пакет од двете е 6.200 денари.

Во клиничката болница „Жан Митрев“, 3Д мамографија е 4800 денари, 2Д мамографија изнесува 2.000 денари, додека ехото е 1.800 денари.

Во текот на пандемијата, мамографиите во јавните здравствени установи се изведувааа во редуциран број, а термините почнаа повторно да се отвораат од лани. Поради тоа, пациентки што чекаат уште од 2020 и 2021 година, дури сега имаат можност да се обидат да закажат термин.

Моментално, во половина од градовите во земјава нема достапни термини за мамографија во наредните 3 месеца според системот Мој Термин.

Фото: Принтскрин, Мој термин

Од Министерството за здравство за Мета.мк велат дека од септември ќе има промени во врска со термините за преглед на дојка.

„Токму во насока на унапредување на здравствената заштита, предвидена е промена од септември во однос на патеката за преглед на дојка, со цел жените да направат преглед на дојка согласно нивната клиничка слика, односно медицинска потреба. Тоа значи дека жени со клиничка слика за промени во дојката ќе добијат упат за преглед на дојка, а радиологот ќе ги издаде потребните дополнителни упати за биопсија итн. Со ова, се олеснува пристапот на жената до потребната здравствена услуга. Скринингот за рак на дојка ќе продолжи како е дел од патеката, со цел да се поделат навидум здравите жени кои припаѓаат во скрининг и жени со итна потреба од радиолошки преглед и тоа: пред и по операција, во тек на онколошки третман како и по новонастаната промена на дојката”, велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека радиолозите во Националната комисија, во соработка со Мој термин спроведуваат едукација на матични лекари и радиолози и ќе ги информираат за новините во однос на навременото детектирање и лекување на ракот на дојка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...