Недостаток на патеки – велосипедистите кои се движат низ Чаир си го ризикуваат животот, Општината не ги одржа ветувањата

Велосипедите се најекономичното и најеколошко превозно средство. Меѓутоа, недостатокот на велосипедски патеки, што го попречува слободното минување, го оневозможува нивното користење низ улиците на скопски Чаир

фото: Порталб.мк

Во отсуство на паркинзи и со присуство на препреки на пешачките и велосипедските патеки, автомобилите ги „узурпираат“ тротоарите на Чаир – од „привремено“ паркирање до трајно оставање на автомобилите на нив. Еден чаирчанец неретко се соочува со различни предизвици предизвикани од автомобилите – почнувајќи од доцнење, физички или вербални пресметки, па сè до загрозување на животот, но и смрт, како што се случувало години наназад, пишува Порталб.мк.

Најекономично и најеколошко превозно средство се велосипедите и тротинетите. Меѓутоа, недостатокот на велосипедски патеки, што го попречува слободното минување, го оневозможува нивното користење низ улиците на скопски Чаир. Оние кои ќе се „охрабрат“ да ги возат истите, особено младите, велат дека, меѓу другото, тоа го прават и за своето физичко здравје.

„Секогаш сум за физички активности, без разлика дали тоа е пешачење или возење велосипед, наместо користење на јавен превоз, создавање метеж и загадување на животната средина. Како што знаеме, имаме голем проблем со аерозагадувањето. Некои места имаат велосипедски патеки, а многу други места немаат. Мислам дека се потребни, бидејќи сè повеќе студенти сакаат да возат велосипед и да бидат физички активни, па да, тие се неопходни“, изјави студент за Порталб.мк.

На паркинзите ветени во предизборната кампања, не им се гледаат ни темелите, а камоли објектите, додека при проширувањето на коловозите во кои се опфатени и велосипедските патеки, како на улиците „Цветан Димов“, „Џон Кенеди“ и „Македонско-Косовска бригада“, се додаваат дополнителни препреки, а до проширување не дојде.

На улицата „Цветан Димов“, освен тоа што не е завршено проширувањето на коловозот, се забележуваат и нови градби, узурпација на јавен простор и недозволено паркирање на пешачките патеки. Поставувањето на бетонските блокови, кои не го дадоа вистинскиот ефект, предизвикува доцнење при поминувањето низ овој пат, особено кога станува збор за јавниот превоз.

Студентите и жителите кои живеат во Чаир, исто така, избегнуваат да користат други превозни средства, бидејќи се чувствуваат загрозени. Во отсуство на велосипедски патеки, тие мора да поминуваат по тротоари или главни сообраќајници, со што ги попречуваат пешаците и слободното одвивање на сообраќајот, па така ја загрозуваат и сопствената сигурност.

„Во градот има многу малку велосипедски патеки. Би било опасно за пешаците и возилата, па дури и за нас самите да возиме велосипед на тротоар или улица. Ни требаат повеќе велосипедски патеки, дефинитивно“, изјави студентка која живее таму.

Кога продолжуваме по улицата „Џон Кенеди“, поврзувачка улица меѓу неколку населби, забележуваме дека тротоарите се непроодни, често се гледаат мајки со деца кои излегуваат на улица, како и млади луѓе на велосипеди или ученици кои следат настава во средното училиште „Цветан Димов“. Уште е свежо е сеќавањето кога, во пресрет на ифтар, едно дете го загуби животот на истата улица.

Овде ја сретнавме Нафие Селмани, многу активна велосипедистка во Чаир, која го користи овој алтернативен превоз за сите нејзини потреби. Таа вели дека честопати се соочува со опасност по животот, но дека е принудена да го користи велосипедот. Узурпацијата на тротоарите и сообраќајната култура се нејзините два предизвика, но изгледа решена да продолжи да го вози својот велосипед.

„За среќа не ми се случило да ми е загрозен животот, но, ги знам условите, поточно немањето услови за користење на велосипеди, немањето тротоари или, каде што има тротоари, тие се узурпирани со автомобили, како на пример овој тротоар овде. Јас всушност сум принудена да возам велосипед, за да стигнам до моето работно место кое е некаде од 4-5 километри оддалечено, пешачењето до таму и назад е некаде околу 10 км, што реално најголемиот дел од патот го возам велосипедот по главната улица, а ако ја додадеме овде и ниската сообраќајна култура на некои возачи, секако не на сите, ризикот станува уште поголем, но јас и секој велосипедист сме поставени пред два избора, да престанеме да возиме велосипед и да ги користиме автомобилите што ги имаме или некој друг начин на транспорт, или помалку или повеќе да си ги ризикуваме животите и да ги прекршиме сообраќајните правила бидејќи сум свесна дека не смее да се вози велосипед на главниот пат, но морам и ќе продолжам да го правам тоа. Жал ми е што ситуацијата е таква каква што е, за среќа Господ ме чувал до овој момент и после 3 години активно возење велосипед сум здрава и жива“, изјави Нафие Селмани за Порталб.мк.

Во близина се наоѓа улицата „Македонско-Косовска Бригада“, омиленото место за неодамнешни инвестиции, вклучувајќи го Меѓународниот балкански универзитет и трговски центри. Жителите на оваа област кои претпочитаат да го поминуваат времето на велосипеди или во трговските центри, вработените кои ја посетуваат оваа улица за да стигнат до неодамна отворените компании, вклучително и редовните студенти кои студираат на Балканскиот универзитет, на оваа улица речиси е невозможно да поминат со велосипеди.

Бариери за велосипедисти, Македонско-Косовска Бригада / фото: Порталб.мк

Препреките на патот, како автомобилите и отпадот од градбите во овие населби, го спречуваат слободното движење, а велосипедистите се принудени да минуваат низ улиците каде што се движат автомобилите. Јавниот превоз до овие населби остана заложник на споровите на Град Скопје. Патиштата со дупки го попречуваат сообраќајот, додека алтернативниот превоз, како што се велосипедите, е предизвик во отсуство на патеките.

„Земи го велосипедот и оди во Чаир каде што живеам јас, ќе паднеш во 10 дупки. Не сум човек што го загадува воздухот, извинете. Не ми треба дозвола за велосипед. Државата треба да ми плати за користење велосипед, а тие не ми обезбедиле ни пат. Само да знаете. Одете и видете, од двете страни нема велосипедски патеки. Нема тука“, изјави жител на Чаир.

Иста е состојбата и во населбата Скопје-Север. Поставени се пластични бариери и, можеби, се направи една од двете велосипедски патеки што постојат во општина Чаир. Може да се видат дел од препреките или пластичните остатоци што таму се оставени во заборав од вработените кои треба да ги одржуваат, но не се исклучени и паркираните автомобили кои го спречуваат слободното движење на велосипедите. Чаирчани се скептични и мислат дека проблемот нема да се реши.

„Недостасуваат велосипедски патеки. Проблемот никогаш нема да се реши!“, вели еден граѓанин.

Скопје-Север / фото: Порталб.мк

Дете во Чаир не може да научи да вози велосипед, млад човек кој има за цел подобро физичко здравје или управување со ресурсите не може да размислува за алтернативен транспорт како што се велосипеди или тротинети, граѓанинот не може да се движи слободно поради сегашната инфраструктура. Не може ниту да предупреди со ѕвонче на постоечките велосипедски патеки, бидејќи наидува на глуви уши, или предизвикува вербален и физички конфликт. Доколку одлучи да го пријави како случај, дури и полициската интервенција ќе доцни поради гореспоменатите пречки, па истото ќе остане без решение.

За споредба, нашите соседи од населбата „Дебар Маало“ каде улиците се сметаат за споредни, се движат слободно, со посебни места, според правилата – платени привремени паркинзи, пешачки патеки и велосипедски патеки. И покрај тоа што на истото место има две владини институции, три училишта и десетици ноќни клубови, кои се омилени меѓу скопјани, таму сè функционира според правилата. Тука е и булеварот „Партизански одреди“, каде граѓаните можат да возат велосипед и за нивните потреби да стигнат во релативно кратко време на подолго растојание.

Велосипедист на Партизански одреди / фото: Порталб.мк

Во секоја изборна кампања наидуваме на инфраструктурни ветувања, како паркинзи, широки патишта, пешачки или велосипедски патеки. Градоначалниците доаѓаат и си одат, но ситуацијата останува иста. Така, и овој мандат, ако се спореди локалната изборна програма „Избери живот, гласај зелено“ на тогашниот кандидат и актуелен градоначалник на општина Чаир, Висар Ганиу, забележливо е дека не се работело во оваа насока.

Општината не одговори на барањето на Порталб за коментар на следните прашања:

  • Во која фаза на реализација се подготовките за велосипедски патеки во Општина Чаир (прашањето се заснова на ветувањето од страна 24 од програмата за локални избори 2021 година, „Избери живот, гласај зелено“, на кандидатот и актуелен градоначалник на општина Чаир, Висар Ганиу, во поглавјето „Инфраструктура и патишта во општината“) и кој е рокот за конечна реализација?
  • Граѓаните се соочуваат со недостаток на паркинг места, а неуредно паркираните автомобили го попречуваат слободното движење на граѓаните на сегашните велосипедски патеки и јавниот превоз. Во која фаза на реализација се проектите на паркинзите (прашањето се заснова на ветувањето од страница 21, од локалната изборна програма за 2021 година, „Избери во живо, гласај зелено“, на кандидатот и актуелен градоначалник на општина Чаир, Висар Ганиу, во поглавјето „Инфраструктура и патишта во општината“) и кој е рокот за конечна реализација?
  • Дали истите ветувања ќе бидат презентирани и во други изборни програми?

Чаир помеѓу културно-историската ретроспектива и модерната урбанизација

Архитектот Тесним Етеми, воедно и чаирчанец и професор во СГГУС „Здравко Цветковски“, давајќи ретроспектива за градот Скопје и Општина Чаир, посебен акцент става на културно-историските остатоци, како и нивното значење, усогласувајќи ги со конструктивни идеи што ќе ги зачуваат истите и ќе понудат потенцијални можности за слободно движење. Идејата за урбанизација ја поврзува и со освестувањето и едукацијата на младите, создавајќи свест на одговорни граѓанин.

„Чаир, со своите тесни улички и урбаниот хаос, се соочува со предизвикот за интеграција на велосипедската инфраструктура. Паркирањето на возилата во тротоарите и ограничените јавни површини се главните пречки. Но, со внимателно планирање и спроведување на ефективни мерки, можно е да се создадат безбедни и соодветни патеки за велосипеди, усогласувајќи ги потребите на пешаците и јавниот превоз“, вели тој.

Интегрирањето на велосипедските патеки во Чаир е важен чекор кон побезбедна и поодржлива животна средина. Со добро осмислен план и внимателна имплементација, можно е да се создадат простории кои ги почитуваат и исполнуваат потребите на пешаците, велосипедистите и јавниот превоз, претворувајќи го Чаир во модел на успешна и одржлива урбанизација.

Можни решенија за хаосот во Чаир, според Етеми:

  1. Преуредување на паркинзите за автомобили: Посебни зони за паркирање – создавањето наменски паркинзи надвор од главните улици би помогнало да се ослободи простор за велосипедски патеки и тротоари. Овој паркинг може да се организира на неискористени простори или на катни паркиралишта.

Политики за паркирање: Воспоставувањето строги политики за паркирање на улица, вклучувајќи казни и строгото спроведување на правилата за паркирање, ќе го обесхрабри нелегалното паркирање и ќе создаде побезбедна средина за сите.

  1. Создавање велосипедска инфраструктура: Велосипедски патеки – создавање на одвоени и сигнализирани велосипедски патеки на главните улици на Чаир. Овие патеки мора да бидат безбедни и достапни, вклучувајќи јасни знаци за одвојување на сообраќајот.

Јавни велосипеди: Воведување на јавен велосипедски систем со станици на клучните точки во населбата, што ќе ја поттикне употребата на велосипеди и ќе ја намали зависноста од приватни автомобили.

  1. Подобрување на пешачката инфраструктура:

Пошироки тротоари: Проширување на тротоарите за да се обезбеди доволно простор за пешаците и да се спречи паркирање на автомобили на нив.

Пешачки премини: Поставување безбедни пешачки премини на секоја раскрсница и соодветна сигнализација за велосипедски премини.

  1. Подобрување на јавниот превоз:

Густа автобуска мрежа – подобрување на фреквенцијата и покриеноста на автобуските линии за да се направи јавниот превоз поатрактивна и посигурна алтернатива.

Нови станици – поставување на нови и модерни автобуски станици во стратешките области на Чаир за да се олесни пристапот и користењето на јавниот превоз.

  1. Свесност и едукација: Кампањи за подигање на свеста – организација на кампањи за подигање на свеста кај граѓаните за важноста од користење велосипеди и почитување на сообраќајните правила за побезбедна и поздрава животна средина. Едукација на децата и младите – едукација на децата и младите во училиштата за придобивките од користењето велосипеди и правилата за безбедност на патиштата.

Имплементација и мониторинг: Координирано планирање и спроведување – Градот Скопје треба да соработува со експерти за урбанистичко планирање, сообраќајни планери и локалната заедница за да изработи и спроведе интегриран план.

Мониторинг на спроведувањето: Посебна група експерти за следење на спроведувањето на планот ќе се погрижи секоја мерка да биде успешно имплементирана и да се прават континуирани подобрувања врз основа на повратните информации и потребите на луѓето.