fbpx

Не низ оџак, туку низ 25 години долги и макотрпни преговори влеговме во НАТО

Тврдењето на Сиљановска дека лесно, „низ оџак ќе сме влегле во НАТО“, е неточно и нереално. Повеќе наликува на фино спакувана предизборна приказна за купување на романтичарски гласови. Оџакот за којшто говори Сиљановска, всушност за нас беше теснец низ којшто мачно се пробивавме цели 25 години, уште од 1993 година

-

Тврдењето на Сиљановска дека лесно, „низ оџак ќе сме влегле во НАТО“, е неточно и нереално. Повеќе наликува на фино спакувана предизборна приказна за купување на романтичарски гласови. Оџакот за којшто говори Сиљановска, всушност за нас беше теснец низ којшто мачно се пробивавме цели 25 години, уште од 1993 година. Од Самитот на НАТО во 2008 година во Букурешт, каде Грција стави вето и земјата извиси, иако имавме силна поддршка од нашите западни сојузници, особено од САД, решавањето на проблемот со името беше единствениот услов за отворањето на портите за влез во Алијансата. Преспанскиот Договор не е иделен, но факт е дека овој за нас тежок компромис го одблокира влезот за НАТО. Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ, беше на власт до 2017 година и имаше шанса речиси 10 години да преговара со Грција и, да направи ако можела и подобар договор од Преспанскиот. Арно ама такво нешто не се случи, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Кандидатката за претседател на државата Гордана Сиљановска-Давкова на синоќешната предизборна дебата на МРТ, меѓу другото кажа дека и без Преспанскиот договор ќе сме влегле во НАТО:

Низ оџак ќе влезевме во НАТО, и ние му требавме на НАТО. Да се откажете од име за членство во НАТО, тоа е несразмерно

[Извор: Претседателски избори 2024- Соочување МРТ(2,:42:30 од видеото),Република; датум – 21.04.2024]

 

Образложение:

Оваа изјава на претседателската кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова, во која вели дека „низ оџак ќе сме влегле во НАТО“, алудирајќи на тоа дека нашиот влез во Алијансата бил извесен и дека тоа ќе се случело и без промената на името, односно без  Договорот во Преспа, е невистина. Од Самитот на НАТО во 2008 година во Букурешт, каде беа поканети Албанија и Хрватска, а Грција стави вето и нашата земја извиси, иако имавме силна поддршка од нашите западни сојузници – особено од САД, решавањето на проблемот со името беше единствениот услов за отворањето на портите за влез во Алијансата.

Впрочем тоа може да се види и во Декларацијата од Самитот на НАТО во 2008 година, каде е наведено дека поканата за членството на земјата во Алијансата ќе се ефектуира откако ќе биде решен проблемот со името. Во таа смисла во точка 20 од Декларацијата  се вели:

Се согласивме дека поканата до Поранешна Југословенска Република Македонија ќе биде упатена веднаш штом ќе се постигне заемно прифатливо решение за прашањето за името. Охрабруваме преговорите да продолжат без одложување и очекуваме тие да бидат завршени што е можно поскоро.

Покана за членство во Алијансата добивме  цели десет години подоцна, дури во јули 2018 година на Самитот на НАТО во Брисел, откако претходно го потпишавме Преспанскиот договор. Потпишувањето, пак, на Пристапниот протокол за членство на земјата во НАТО се случи на 6 февруари 2019 година во Брисел, откако ги направивме уставните измени (11.01.2019).Тогаш со  четири уставни амандмани се промени името од „Република Македонија“ во „Република Северна Македонија“, а потоа со нивното објавување во „Службен весник“, на 12 февруари 2019 година тоа стана и официјално име на државата. На 11 февруари 2020 година македонскиот парламент едногласно го ратификуваше Северноатлантскиот Договор, по што, на 20 март 2020 година, следеше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на претседателот Стево Пендаровски.

Тоа се фактите за трнливиот пат до НАТО. Тврдењето на Сиљановска дека лесно, „низ оџак ќе сме влегле во НАТО“, е неточно и нереално. Повеќе наликува на фино спакувана предизборна приказна за купување на романтичарски гласови. Оџакот за којшто говори Сиљановска, всушност за нас беше теснец низ којшто мачно се пробивавме цели 25 години, уште од 1993 година  кога Собранието усвои Резолуција во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата – членството во НАТО и во ЕУ. Така што, во НАТО не влеговме низ оџак, туку по долги и макотрпни преговори.

Преспанскиот Договор не е иделен и секако дека има простор за критика, особено во делот за начинот на имплементацијата на новото име во личните документи, но факт е дека овој за нас тежок компромис го одблокира влезот за НАТО. Впрочем, партијата чиј претседателски кандидат е Слијановска, ВМРО-ДПМНЕ, беше на власт до 2017 година и имаше шанса речиси 10 години да преговара со Грција и, да направи ако можела и подобар договор од Преспанскиот. Арно ама, како што знаеме, такво нешто не се случи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Амнестијата за „Хашките случаи“ е направена во 2011 година од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Во јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“. Тогаш парламентот со 63 гласа „за“ и 29 „против“ (опозициски пратеници) го усвои...